13 Друго искушение вас не ве зафати, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да допушти да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да издржите.
14 Затоа, возљубени мои, одбегнувајте го служењето на идолите.
15 Ви зборувам како на разумни: расудете сами за ова што ви го кажувам,
16 Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли заедништво со крвта Христова? Лебот, што го кршиме, не е ли заедништво со телото Христово?
17 Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите сме причесници од еден леб.
18 Гледајте го Израил според телото: оние што јадат од жртвите, не се ли причесници со жртвеникот?
19 А што да кажам? Дека идолските жртви се нешто, или дека идолот е нешто?