1 А за она што ми пишавте – добро е човек да не се допира до жена.
2 Но, за да се избегне блудството, секој нека си има своја жена, и секоја жена свој маж.
3 Мажот да ја извршува својата должност спрема жената, а исто така и жената – спрема мажот.
4 Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената.
5 Не лишувајте се еден од друг – освен по договор за некое време, за да ѝ се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве напаствува сатаната, поради вашето невоздржување.
6 Ова, пак, ви го велам како допуштање, а не како заповед.
7 Зашто сакам, сите луѓе да бидат како мене; но секој си има своја дарба од Бога – еден на ваков начин, друг на поинаков.
8 А на неженетите и на вдовиците им велам: добро ќе им биде ако останат како мене.
9 Но, ако не можат да се воздржат, нека се женат и мажат; бидејќи подобро е да се женат и мажат, отколку да горат од страст.
10 А на женетите и мажените им заповедам – не јас, туку Господ – жената да не се разделува од мажот, –
11 ако, пак, и се раздели, нека не се премажува, или, пак, да се помири со мажот свој, – а и мажот да не ја остава жената своја.
12 А на другите им зборувам јас, а не Господ: ако некој од браќата има жена, безверничка, и таа е согласна да живее со него, нека не ја остава;
13 и ако некоја жена има маж, безверник, а тој е согласен да живее со неа, таа да не го остава.
14 Зашто маж безверник се осветува преку жената која верува, и жена безверничка се осветува преку мажот, кој верува; инаку децата ваши би биле нечисти, а сега се свети.
15 Ако некој безверник сака да се разведе, нека се разведе; во такви случаи братот или сестрата не се заробени; зашто за мир нѐ повикал Бог.
16 Зашто, од каде знаеш, жено, дека ти не ќе го спасиш мажот? Или од каде знаеш, о мажу, дека ти не ќе ја спасиш жена ти?
17 Само секој нека постапува така како што му определил Бог, како го повикал Господ. Така заповедам по сите цркви.
18 Обрезан ли е повикан некој, нека не крие; необрезан ли е повикан некој, нека не се обрезува.
19 Обрезанието е ништо, и необрезанието е ништо, а чувањето на Божјите заповеди е сѐ.
20 Секој да си остане во звањето во кое е повикан.
21 Ако си повикан како роб, да немаш грижа; но, дури и ако можеш да станеш слободен, уште повеќе ползувај се од ропството.
22 Зашто кој е повикан во Господ како роб, станува Господов ослободеник; исто така и кој е повикан како ослободеник станува роб Христов.
23 Вие сте скапо платени! Не станувајте робови на луѓе!
24 Секој што е повикан, браќа, во него нека остане и пред Бога.
25 А што се однесува до девиците, за нив немам заповед од Господа, но давам совет како човек, кој е помилуван од Господа да биде верен.
26 Поради сегашната потреба го наоѓам за добро ова: добро е за човекот да остане таков.
27 Сврзан ли си со жена, не барај развод; разврзан ли си од жена, не барај жена.
28 Но, ако се ожениш, нема да згрешиш; и девицата, ако се омажи, нема да згреши. Но таквите ќе имаат телесни неволји, а јас, пак, повеќе би сакал да ве поштедам.
29 Ова ви го велам, браќа, зашто времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат;
30 и кои плачат – како да не плачат; и кои се радуваат – како да не се радуваат; и кои купуваат – како да немаат ништо,
31 и кои се ползуваат од овој свет – како да не се ползуваат; зашто ликот на овој свет е минлив.
32 Јас, пак, сакам вие да бидете без грижи. Неженетиот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господа;
33 а женетиот се грижи за световни работи – како да ѝ угоди на жената.
34 Тука е разликата меѓу жената и девојката. Немажената жена се грижи за Господови работи – како да Му угоди на Господа, за да биде света со телото и со духот; а омажената се грижи за световни работи – како да му угоди на мажот свој.
35 Ова ви го зборувам за ваша корист, не да ви поставам стапица, туку примерно и непречено да бидете приврзани на Господ.
36 Ако некој мисли дека е срамно девицата негова да му остане таква во напредната возраст, тој нека прави како сака; нема да погреши; таквите нека се мажат.
37 А кој е тврд во срцето свое и нема потреба, а има власт над својата волја, па реши во срцето свое да ја зачува својата девица, тој добро прави.
38 Така оној, кој ќе ја омажи својата девица, добро прави; а оној, што нема да ја омажи, подобро прави.
39 Жената е врзана додека е жив мажот нејзин; а ако умре мажот нејзин, таа е слободна да се премажи за кого сака, но само во името на Господ.
40 Само, поблажена е ако си остане така, според моето мислење; а мислам дека и јас имам Дух Божји.