1 Коринтјаните 14 MK2006D

Дарови во заедницата

1 Стремете се кон љубовта; ревну­вајте за духовните дарови, а осо­бено да пророкувате.

2 Зашто оној, кој зборува на друг јазик, тој не им зборува на луѓе, туку на Бога; бидејќи никој не го разбира, а со Духот кажува тајни;

3 кој, пак, пророкува, тој им зборува на луѓето за надградување, охрабрува­ње и утешување.

4 Кој зборува на друг јазик, тој се надградува сам себе; а кој пророкува, тој ја надградува Црквата.

5 Но јас би сакал сите вие да зборувате на други јазици, а уште повеќе да пророкувате: зашто, кој пророкува, е поголем од оној, кој зборува јазици – ос­вен ако и ги толкува, за да се надградува Црквата.

6 Сега, ако дојдам кај вас, браќа, и ви зборувам на други јазици, каква полза ќе имате од мене, ако не ви соопштувам или со откровение, или со знаење, или со пророштво, или со поука?

7 И бездушните предмети, како кавалот или гуслата, што даваат глас, ако не даваат разни гласови, како ќе се разбере што свири кавалот или гуслата?

8 Зашто, ако трубата не дава разбирлив глас, тогаш кој ќе се готви за бит­ка?

9 Така и вие, ако со јазикот свој не из­говарате разбирливи зборови, како ќе се разбере она што го зборувате? Ќе бидете како оние кои говорат во ветер.

10 Во светот има којзнае колку разни гласови, и ниеден од нив не е без зна­че­ње.

11 Ако, пак, не го разбирам значењето на тие гласови, тогаш за оној што збо­рува ќе бидам туѓинец, а и тој за мене туѓинец.

12 Така и вие, бидејќи сте ревнители за духовни дарови, грижете се да ги до­биете во изобилство, за надградување на Црквата.

13 Затоа, оној што зборува на друг ја­зик, нека се моли за дар да може да го толкува.

14 Зашто, ако се молам на друг јазик, се моли мојот дух; умот, пак, мој ос­та­нува бесплоден.

15 Па што да се прави? Ќе Му се мо­лам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го воспевам Бога со дух, ќе Му пеам со ум.

16 Зашто, ако благословуваш со дух, како ќе рече „амин!“ на твоето благода­рење простиот човек, кога не разбира што велиш?

17 Ти благодариш убаво, но другиот не се надградува.

18 Му благодарам на Мојот Бог, зашто зборувам на други јазици повеќе од сите вас;

19 но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик.

20 Браќа, по умот немојте да бидете како деца; за злото бидете како дечиња, а по умот зрели.

21 Во Законот е напишано: „На други јазици и со друга уста ќе му зборувам на овој народ, но и така нема да Ме пос­лу­ша, вели Господ.“

22 Затоа јазиците не се знак за оние што поверувале, туку за оние што не поверувале; пророкувањата, пак, не се за оние што не веруваат, туку за оние што веруваат.

23 Ако, пак, целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или безверници, нема ли да речат дека сте полуделе?

24 Но, ако сите пророкуваат, а дојде некој прост човек или безверник, него сите ќе го обвинат и сите ќе го осудат,

25 така што тајните на срцето ќе му се откријат, и тој, ќе падне на колена, ќе Му се поклони на Бога и ќе рече: „На­вистина, Бог е во вас.“

Редот во Црквата

26 Па што, браќа? Кога ќе се собира­те, и секој од вас има – кој псалм, кој по­ука, кој јазик, кој откровение, кој толкување, – сѐ нека биде за надградување.

27 Ако некои зборуваат на непознат ја­зик, двајца или најмногу тројца, нека зборуваат по ред, а еден да толкува.

28 Ако пак, нема толкувач, тогаш в црква да молчат, а нека си зборуваат во себе и на Бога.

29 Пророците, пак, да зборуваат двајца или тројца, а другите да расудуваат.

30 Но, ако на некој друг што седи му дојде откровение, тогаш првиот нека замолчи.

31 И така, еден по друг можете сите да пророкувате, та сите да се поучувате и сите да се охрабрувате.

32 И пророчките духови им се покоруваат на пророците;

33 зашто Бог не е Бог на безредие, туку на мирот. Како што е по сите црк­ви меѓу светиите,

34 жените ваши по црквите да молчат: ним не им е допуштено да зборуваат, туку да се потчинуваат, како што вели и Законот.

35 Ако, пак, сакаат да научат нешто, нека ги прашаат мажите свои дома; зашто срамно е жена в црква да зборува.

36 Зар од вас излезе словото Божјо? Или, пак, само до вас стигна?

37 Ако некој мисли дека е пророк или надарен со дух, нека знае дека ова што ви го пишувам е заповед Господова.

38 А кој не разбира, нека не разбира.

39 И така, браќа, настојувајте да про­ро­кувате, но не забранувајте да се зборува и на други јазици.

40 Сѐ нека биде достојно и уредно.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16