1 Не сум ли јас апостол? Не сум ли јас слободен? Не Го видов ли Исус Христос, нашиот Господ? Не сте ли вие мое дело во Господ?
2 Ако за други не сум апостол, за вас сепак сум. Бидејќи вие сте печатот на моето апостолство во Господа.
3 Ова е мојата одбрана против оние што ме осудуваат:
4 Зар немаме право да јадеме и да пиеме?
5 Зар немаме право да водиме со себе сестра, жена верничка, како и другите апостоли и браќата Господови и Кифа?
6 Или само јас и Варнава немаме право на издршка?
7 Кој војувал некогаш на своја сметка? Кој сади лозје, а не јаде од неговиот плод? Или кој пасе стадо, а не пие од неговото млеко?
8 Зар го зборувам ова само како човек? Не го вели ли истото и Законот?
9 Бидејќи во Мојсеевиот закон е напишано: „Не врзувај ја устата на вол што врши.“ Зар Бог се грижи за воловите?
10 Или го вели тоа, главно, за нас? – Да, за нас е напишано тоа; зашто, оној што ора, треба да ора со надеж, и кој врши, да врши со надеж дека ќе го добие она што го очекува.
11 ако сме го посеале кај вас духовното, многу ли е, ако го ожнееме кај вас телесното?
12 Ако други имаат право на дел од вашиот посед, тогаш немаме ли ние уште повеќе? Но ние не го користевме тоа право, туку сѐ трпиме за да не направиме некаква пречка на Христовото Евангелие.
13 Не знаете ли дека оние што свештенодејствуваат, се хранат од светилиштето, и кои служат на жртвеникот, делат со жртвеникот?
14 Така и Господ заповедал проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието.
15 Но јас не ползував ништо од тоа; и не го напишав ова за да се направи така за мене. Зашто за мене е подобро да умрам, отколку некој пофалбата да ми ја одземе.
16 Зашто, ако проповедам Евангелие, тоа не е за моја пофалба: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене ако не го проповедам.
17 Ако доброволно го вршам тоа, тогаш имам награда; а ако без своја волја – тогаш е тоа само извршување на служба што ми е доверена.
18 А каква ми е наградата? Проповедајќи да го предавам Евангелието бесплатно, не ползувајќи го своето право од благовестувањето.
19 Зашто, иако сум слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам:
20 за Јудејците станав Јудеец, за да придобијам Јудејци; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и тие под Закон;
21 за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон.
22 За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сѐ, та на каков и да било начин да спасам некои од нив.
23 А ова го правам поради Евангелието за да бидам соучесник во него.
24 Не знаете ли дека оние што се натпреваруваат на стадион, трчаат сите, но само еден добива награда? Па така трчајте и вие, за да добиете.
25 Секој натпреварувач се воздржува од сѐ: тие – за да добијат распадлив венец, а ние – нераспадлив.
26 Јас, пак, така трчам, но не како без цел; не се борам како оној што удира по ветар,
27 туку го истоштувам и го поробувам телото, та проповедајќи им на другите, да не бидам и самиот отфрлен.