1 Коринтјаните 13 MK2006D

За љубовта

1 Да зборувам на сите човечки ја­зици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.

2 Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да го имам сето знаење, а и така силна вера, што и планини да пре­мес­тувам, – ако љубов немам, ништо не сум.

3 И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи.

4 Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива,

5 не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло,

6 не се радува на неправда, туку се ра­дува на вистина,

7 сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува.

8 Љубовта никогаш не пропаѓа. А пророкувањата? Ќе минат. Јазиците? Ќе замолкнат. Знаењето? Ќе исчезне.

9 Зашто само делумно спознаваме и само делумно пророкуваме;

10 а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното.

11 Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детското.

12 Сега гледаме како низ огледало, не­јасно, а тогаш – лице в лице; сега спознавам делумно, а тогаш ќе спознаам со­вршено како што и сум спознаен.

13 А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16