1 Павле, по Божја волја повикан апостол на Исус Христос и братот Состен –
2 до црквата Божја во Коринт, до осветените во Христос Исус, повикани светии, заедно со сите оние кои на секое место го повикуваат името на нашиот Господ Исус Христос, нивни и наш.
3 Да имате благодат и мир од Бога, нашиот Отец, и Господ Исус Христос!
4 Секогаш Му благодарам на мојот Бог за вас поради Божјата благодат што ви е вам дадена во Исус Христос,
5 преку Кого станавте богати во сѐ, во секое слово и во секое знаење.
6 Зашто се утврди во вас Христовото сведоштво,
7 така што не сте лишени од ниеден дар вие, што го очекувате откровението на нашиот Господ Исус Христос.
8 Тој ќе ве утврди и до самиот крај за да бидете беспрекорни во денот на нашиот Господ Исус Христос.
9 Верен е Бог, Кој ве повика во заедништво со Неговиот Син Исус Христос, нашиот Господ.
10 Браќа, ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате исто, и меѓу вас да нема раздори, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во исто мислење.
11 Зашто од домашните на Хлој чув за вас, браќа мои, дека меѓу вас имало кавги.
12 Сакам да ви кажам дека секој од вас вели: „Јас сум Павлов“, „А јас сум Аполосов“, „Јас сум на Кифа“, „Јас, пак, Христов“.
13 Па зар Христос е разделен? Зарем Павле беше распнат за вас? Или пак во името Павлово бевте крстени?
14 Му благодарам на Бога што од вас никого не сум крстил, освен Крисп и Гај,
15 та никој да не може да рече дека ве крстив во мое име.
16 Навистина, го крстив уште и Стефаниновиот дом. Инаку не знам дали сум крстил и некој друг.
17 Зашто Христос не ме прати да крштевам, туку да го проповедам Евангелието, и тоа не со премудри зборови, за да не изгуби од силата крстот Христов.
18 Зашто словото за крстот е безумие за оние што пропаѓаат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја.
19 Зашто е напишано: „Ќе ја уништам мудроста на мудрите и ќе ја отфрлам разумноста на разумните.“
20 Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја претвори ли Бог мудроста на овој свет во лудост?
21 Зашто светот при мудроста Божја не Го позна Бога со мудрост; Бог благоволи со безумието на проповедта да ги спаси оние што веруваат.
22 Зашто Јудејците сакаат знаци, а Елините бараат мудрост,
23 ние, пак, Го проповедаме Христос распнатиот, Кој е за Јудејците соблазна, а за незнабошците безумие;
24 за повиканите, пак, како Јудејци, така и Елини, Христос Божја сила и Божја мудрост.
25 Зашто Божјото безумие е помудро од луѓето, и Божјата слабост е посилна од луѓето.
26 Гледате, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте мудри по тело, не мнозина силни, не мнозина благородни;
27 но Бог го избра она што е безумно за овој свет за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во светот за да ги посрами силните;
28 Бог ги избра и неугледните и презрените на овој свет, и оние што не значат ништо, за да ги уништи оние што значат нешто,
29 та никој да не се пофали пред Бога.
30 Од Него сте и вие во Исус Христос, Кој за нас стана мудрост од Бога, и праведност, и осветување, и откуп,
31 па да биде, како што е напишано: „Кој се фали, во Господ нека се фали.“