1 Јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на деца во Христа.
2 Со млеко ве напоив, а не со јадење, зашто уште не можевте да го примите, а и сега уште не можете,
3 бидејќи уште сте телесни. И навистина, штом меѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?
4 Зашто, кога еден вели: „Јас сум Павлов“, а друг: „Јас сум Аполосов“, не сте ли тогаш телесни?
5 Што е, впрочем, Павле, а што Аполос? Не се ли тие служители преку кои вие поверувавте, и тоа според она колку кому Господ му дал?
6 Јас посадив, Аполос полеа, но Бог направи да израсне.
7 Затоа, ниту оној кој сади е нешто, ниту, пак, оној што полева, туку Бог, Кој прави да израсне.
8 Кој сади и кој полева се едно; а секој ќе ја добие својата награда според својот труд.
9 Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божјо здание.
10 Според Божјата благодат, што ми е дадена, јас, како мудар градител, поставив темел, а друг надѕидува; само секој нека пази како надѕидува.
11 Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, а таа е Исус Христос.
12 Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама,
13 сечие дело ќе се покаже јасно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита какво е делото на секого.
14 И, ако делото на оној што ѕидал остане, тој ќе прими награда.
15 А оној чие дело ќе изгори, тој ќе биде оштетен, а самиот ќе се спаси, но како низ оган.
16 Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас?
17 Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие.
18 Никој нека не се лаже; ако некој мисли дека е мудар меѓу вас во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар.
19 Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога, како што е напишано: „Тој ги лови мудрите во нивното лукавство.“
20 И пак: „Господ знае дека размислите на мудрите се суетни.“
21 И така, никој нека не се фали со луѓе, бидејќи сѐ е ваше:
22 било Павле или Аполос, или Кифа, било светот или животот, или смртта, било сегашното или идното, – сѐ е ваше,
23 вие, пак, сте Христови, а Христос – Божји.