1 Коринтјаните 11 MK2006D

1 Угледајте се на мене, како и јас на Христа!

Мажот и жената пред Господа

2 Ве пофалувам, браќа, зашто во сѐ си спомнувате за мене и ги држите пре­да­нијата така како што сум ви ги предал.

3 Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жената ма­жот е глава; на Христос, пак, глава е Бог.

4 Секој маж, кој се моли или пророкува со покриена глава, ја срамоти својата глава;

5 а, пак, секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срамоти главата своја, зашто тоа е исто како да е истрижена.

6 Ако жената не сака да се покрива, тогаш нека се стриже; ако, пак, е грдо за жена да се стриже или бричи, тогаш нека се покрива.

7 И така, мажот не треба да ја покрива главата своја, зашто е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот.

8 Зашто не е мажот од жената, туку жената од мажот;

9 и мажот не е создаден за жената, ту­ку жената за мажот.

10 Затоа жената треба да има на гла­вата свој знак од власта на мажот над неа поради ангелите.

11 Па сепак, ниту жена е без маж, ни­ту маж е без жена во Господ.

12 Зашто, како што е жената од ма­жот, така е и мажот преку жената; а сѐ е од Бога.

13 Просудете сами во себе: доликува ли жена да Му се моли на Бога гологлава?

14 Нели и самата природа ве учи дека е срамно за мажот да има долга коса?

15 Но, ако жената си ја остави косата, тоа е украс за неа, бидејќи косата ѝ е дадена место превез.

16 Но, ако некој сака да се препира, ние немаме таков обичај, ниту црквите Божји.

Господова вечера

17 А заповедајќи ви го ова, не можам да ве пофалам дека за подобро, туку за полошо се собирате.

18 Прво, пак, слушам дека, кога се собирате в црква, се појавуваат расколи меѓу вас, во што делумно верувам.

19 А потребно е меѓу вас да има и раз­делувања, за да се истакнат подостојни­те меѓу вас.

20 Но, кога се собирате така заедно, тоа не значи дека јадете вечера Госпо­дова:

21 зашто на јадењето секој брза да ја земе својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива.

22 Немате ли куќи за да јадете и пи­ете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам!

23 А јас го примив од Господ она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб,

24 и, откако заблагодари, го прекрши и рече: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас, правете го ова за спомен Мој!“

25 По вечерата, исто така, зеде и ча­ша, па рече: „Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!“

26 Зашто, секогаш, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Тој не дојде.

27 Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, ви­новен ќе биде спрема телото и крвта на Господ.

28 Но, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша.

29 Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово.

30 Па затоа меѓу вас има многу не­моќ­ни и нејаки, а мнозина и умираат.

31 Зашто, ако бевме се испитувале са­ми себе, тогаш немаше да бидеме осуде­ни.

32 Но судејќи нѐ, Господ нѐ превос­пи­тува, за да не бидеме осудени заедно со светот.

33 Затоа, браќа мои, кога се собирате на јадење, дочекувајте се еден со друг.

34 Ако е, пак, некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осуда. А другото ќе го наредам, кога ќе дојдам.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16