1 Браќа, ви напоменувам за Евангелието, Кое ви го проповедав, а кое вие го примивте и во Кое стоите.
2 Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.
3 Ви го предадов најнапред она што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата;
4 дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата,
5 и дека му се јави на Кифа и потоа на Дванаесетте;
6 после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа;
7 потоа му се јави на Јаков, и потоа на сите апостоли,
8 а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,
9 зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква.
10 Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не беше напразна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене.
11 И така, било јас, или тие, така проповедаме, и вие така поверувавте.
12 И ако се проповеда дека Христос воскреснал од мртвите, како тогаш некои меѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?
13 А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал;
14 ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш напразна е нашата проповед, празна е и вашата вера.
15 Би се покажале како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме против Бога дека Го воскреснал Христос, Кого што не Го воскреснал, ако навистина мртвите не воскреснуваат.
16 Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал;
17 ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови;
18 тогаш и оние, што умреле за Христос, пропаднале.
19 И, ако само во овој живот се надеваме на Христос, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе.
20 Но, ете, Христос воскресна од мртвите, и со тоа стана првина за упокоените.
21 Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек.
22 И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани;
23 но секој по свој ред: Христос е првиот плод; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.
24 А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила.
25 Бидејќи Тој треба да царува „додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.“
26 А како последен непријател ќе биде уништена смртта,
27 зашто „сите ги покори под нозете Негови“; а кога се вели: „Сѐ Му е Нему покорено“, очевидно е дека се изоставува Оној, Кој Му потчини сѐ.
28 Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Оној, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ.
29 Инаку, што ќе направат оние, кои се крштеваат за мртвите? Ако мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштеваат за нив?
30 Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност?
31 Секој ден умирам, браќа, се колнам во пофалбата ваша, која ја имам во Христос Исус, нашиот Господ.
32 Ако во Ефес, човечки речено, се борев со ѕверови, каква е мојата полза? Ако мртвите не воскреснуваат – „Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!“
33 Не лажете се: „Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!“
34 Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Зашто некои од вас не знаат за Бога – за ваш срам го велам ова.
35 Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат?
36 Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре.
37 А кога сееш, не го сееш телото, кое треба да настане, туку голо зрно, на пример пченично или некое друго;
38 но Бог му дава тело, какво што сака, и тоа на секое семе негово сопствено тело.
39 Не е секое тело исто тело: друго е телото на човек, друго е телото на животно, друго на риба, друго на птица.
40 Има тела небесни и тела земни, но друг е блесокот на небесните и друг на земните;
41 друг е блесокот на сонцето; друг е блесокот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по блесокот се разликува.
42 Така е и со воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање;
43 се сее во бесчестие – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила;
44 се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Ако има тело душевно, има и тело духовно.
45 Па така е и напишано: „Првиот човек Адам стана жива душа“, а последниот Адам – животворен дух.
46 Но не е прво духовното, туку душевното, а потоа духовното.
47 Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото.
48 Каков е земјениот, такви се и земјените; и каков е Небесниот, такви се и небесните;
49 и како што го носиме ликот на земјениот, така ќе го носиме и образот на Небесниот.
50 А ова ви го велам, браќа, дека телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста.
51 Еве, тајна ви кажувам; сите нема да се упокоиме, туку сите ќе се измениме,
52 одеднаш, за еден миг на око, на последната труба: зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме;
53 зашто распадливото треба да се облече во нераспадливост, а смртното – да се облече во бесмртност.
54 А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: „Победата ја проголта смртта“.
55 „О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“
56 Осилото на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот.
57 Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.
58 И така, браќа мои возљубени, бидете постојани, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господ нема да биде залуден.