1 Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог.
2 Тоа во почетокот беше во Бога.
3 Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана.
4 Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето.
5 Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати.
6 Имаше еден човек по име Јован, испратен од Бога;
7 тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.
8 Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината.
9 Беше Вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов.
10 Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна.
11 Дојде кај Своите, но Своите не Го примија.
12 А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји;
13 кои не се родија од крв, ниту по желба на телото, ниту од похот машка, туку од Бога.
14 И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.
15 Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, Тој е пред мене, бидејќи постоеше порано од мене!“
16 И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат;
17 зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината станаа преку Исуса Христа.
18 Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во пазувите на Отецот – Тој Го објави.
19 И тоа е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“
20 Тој призна и не одрече, туку објави: „Не сум јас Христос.“
21 И го прашаа: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ И рече: „Не сум.“ „Пророк ли си?“ И одговори: „Не.“
22 А тие му рекоа: „Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние што нѐ испратија; што велиш за себе?“
23 Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го Господовиот пат, како што вели пророкот Исаија.“
24 А испратените беа од фарисеите;
25 и го запрашаа велејќи: „Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ниту Илија, ниту пророк?“
26 Јован им одговори и рече: „Јас крштевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.
27 Тој е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.“
28 Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован.
29 На другиот ден Го виде Јован Исуса како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе!
30 Овој е оној, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, бидејќи постоеше пред мене.
31 Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода, за Тој да му биде објавен на Израил.“
32 И сведочеше Јован, велејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него.
33 Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштевам со вода, Тој ми рече: ‚Врз Кого ќе видиш дека слегува Духот и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштева со Дух Свети.‘
34 И јас видов и посведочив дека Тој е Син Божји.“
35 А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици.
36 И штом Го виде Исуса како оди, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“
37 Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса.
38 А Исус, кога се сврте и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави што значи – Учителе, каде живееш?“
39 Им рече: „Дојдете и видете!“ Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него. Беше околу десеттиот час.
40 А еден од двајцата, што беа чуле за Исус и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симон Петар.
41 Тој прво го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи: Христос.“
42 И го одведе кај Исуса. А Исус го погледна и му рече: „Ти си Симон, синот на Јона; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар.“
43 На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филип, па му рече: „Врви по Мене!“
44 А Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар.
45 Филип го најде Натанаил и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците – Исус, синот Јосифов од Назарет!“
46 А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му рече: „Дојди и види!“
47 Исус, кога го виде Натанаил како доаѓа кај Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство!“
48 Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.“
49 Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израил!“
50 А Исус, одговарајќи, му кажа: „Дали веруваш, бидејќи ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш повеќе од ова.“
51 И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуват над Синот Човечки.“