Јован 11 MK2006D

Смртта на Лазар

1 Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од селото на Марија и нејзината сестра Марта.

2 А Марија, чиј брат Лазар се разболе, беше онаа која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса.

3 Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: „Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.“

4 Штом чу Исус, рече: „Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.“

5 А Исус ги сакаше Марта, нејзината сестра, и Лазар.

6 А кога чу дека е болен, тогаш остана уште два дни во местото каде што се наоѓаше.

7 Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!“

8 Учениците Му рекоа: „Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?“

9 Исус одговори: „Нели има дванаесет часови во денот? Кој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет;

10 а кој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него.“

11 Ова им го кажа, а потоа им рече: „Лазар, пријателот наш, заспал; но одам да го разбудам.“

12 Тогаш учениците Негови рекоа: „Господи, ако заспал, ќе стане.“

13 Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон.

14 Тогаш Исус рече отворено: „Лазар умре!

15 Но се радувам заради вас што не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме кај него.“

16 Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: „Да отидеме и ние да умреме со него.“

Исус е воскресение и живот

17 Кога дојде Исус, откри дека тој веќе четири дена е во гроб.

18 А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;

19 и мнозина Јудејци беа дошле кај Марта и Марија да ги утешат за нивниот брат.

20 Кога чу Марта дека доаѓа Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома.

21 Тогаш Марта Му рече на Исус: „Господи, ако беше Ти овде, брат ми немаше да умре.

22 Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.“

23 Исус ѝ рече: „Твојот брат ќе воскресне!“

24 Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.“

25 А Исус ѝ рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.

26 И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?“

27 Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светот.“

Исус просолзува

28 Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: „Учителот е овде и те вика.“

29 Таа кога чу, стана бргу и отиде кај Него;

30 зашто Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше каде што Го беше дочекала Марта.

31 Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче.

32 А Марија, штом пристигна таму каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше ти овде, немаше да умре брат ми!“

33 Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи во духот и се потресе,

34 па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“

35 Исус просолзи.

36 Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го сакал!“

37 Некои од нив, пак, велеа: „Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?“

Воскреснувањето на Лазар

38 А Исус пак се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.

39 Рече Исус: „Кренете го каменот!“ Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, мириса веќе; има четири дена откако е умрен!“

40 Исус ѝ рече: „Не ли ти реков дека, ако веруваш, ќе ја видиш славата Божја?“

41 Тогаш го дигнаа каменот каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: „Оче, Ти благодарам што Ме услиши.

42 Јас знаев дека Ти секогаш Ме услишуваш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.“

43 Кога го рече ова, извика со силен глас: „Лазаре, излези надвор!“

44 излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете; а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: „Одвиткајте го и оставете го да оди!“

Заговор против Исуса

45 Тогаш мнозина од Јудејците што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.

46 Некои од нив отидоа кај фарисеите и им рекоа што направи Исус.

47 Тогаш првосвештениците и фарисеите го собраа синедрионот и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чуда.

48 Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.“

49 А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: „Вие ништо не знаете,

50 ниту помислувате дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.“

51 А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи беше првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот;

52 и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените Божји чеда.

53 Од тој ден се согласија да Го убијат.

54 Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму се задржа со учениците Свои.

55 А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасха, за да се очистат.

56 Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: „Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?“

57 А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21