1 „Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од друга страна, крадец е и разбојник;
2 а кој влегува низ вратата, пастир е на овците;
3 нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, тој ги вика своите овци по име и ги изведува.
4 И кога ќе ги изведе овците свои, оди пред нив, овците одат по него, бидејќи го познаваат гласот негов;
5 а по туѓ човек не одат, туку ќе побегнат од него, зашто гласот на туѓиот не го познаваат.“
6 Оваа парабола им ја кажа Исус, но тие не разбраа што беше тоа што им говореше.
7 Тогаш Исус пак им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас сум вратата на овците.
8 Сите, колку што дојдоа пред Мене, крадци се и разбојници; но овците не ги послушаа.
9 Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде.
10 Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие.
11 Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си го полага животот свој за овците;
12 а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека доаѓа волк, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците.
13 Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците.
14 Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене.
15 Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и животот Свој го полагам за овците Свои.
16 И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир.
17 Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак.
18 Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам и власт имам пак да си го земам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.“
19 И пак настана расправија меѓу Јудејците заради овие зборови.
20 Мнозина од нив велеа: „Демон има и не е при Себе. Зошто Го слушате?“
21 Други велеа: „Ова не се зборови на бесомачен; може ли демон на слеп да му отвори очи?“
22 А беше тогаш во Ерусалим празникот Обновување на храмот и беше зима.
23 Одеше Исус во храмот, по тремот Соломонов.
24 А Јудејците Го опколија и Му рекоа: „До кога ќе ги мачиш нашите души? Ако си Ти Христос, кажи ни отворено!“
25 Исус им одговори: „Ви реков, и не верувате. Делата што ги вршам Јас во името на Мојот Отец, тие сведочат за Мене.
26 Но вие не верувате, бидејќи не сте од Моите овци, како што ви реков.
27 Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене,
28 и Јас им давам вечен живот; и никогаш нема да загинат; и никој не ќе ги истргне од раката Моја.
29 Мојот Отец, што Ми ги даде, е поголем од сите; и никој не може да ги грабне од раката на Мојот Отец.
30 Јас и Отецот сме едно.“
31 А Јудејците, пак, зедоа камења да Го каменуваат.
32 Исус им одговори: „Многу добри дела ви јавив од Мојот Отец; за кое од тие дела фрлате камења на Мене?“
33 Му одговорија Јудејците, велејќи: „За добро дело камења не фрламе на Тебе, туку за хулење, зашто Ти, иако си човек, се правиш Бог.“
34 Исус им одговори: „Не е ли напишано во вашиот Закон: ‚Јас реков: богови сте?‘
35 Ако Тој ги нарече богови оние кон кои беше упатено словото Божјо, а писмото не може да се урне,
36 а на Оној ли, Кого Го освети Отецот и Го прати во светот, вие велите: ‚Хулиш на Бога?‘ дека реков: ‚Јас сум Син Божји?‘
37 Ако не ги вршам делата на Мојот Отец, не верувајте Ми;
38 а ако, пак, ги вршам, макар што Мене не Ми верувате, на делата Мои поверувајте, за да разберете и поверувате дека Отецот е во Мене и Јас сум во Него.“
39 Сакаа пак да Го фатат, но Тој им се истргна од рацете нивни,
40 и пак отиде отаде Јордан, на она место каде што Јован крштеваше, и остана таму.
41 Мнозина дојдоа кај Него и говореа: „Јован не направи ниедно чудо, но сѐ што рече Јован за Него, беше вистина.“
42 И мнозина таму поверуваа во Него.