Јован 2 MK2006D

Свадбата во Кана

1 На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска и мајката на Исуса беше таму.

2 На свадбата беа поканети и Исус и Неговите ученици.

3 А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исуса: „Немаат вино.“

4 Исус ѝ рече: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.“

5 Но мајка Му Негова им рече на слугите: „Сѐ што ќе ви рече, направете!“

6 А таму имаше шест камени садови за вода, поставени според јудејскиот обичај за очистување, што собираа по две до три мери.

7 Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!“ И тие ги наполнија до горе.

8 Па им кажа: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!“ И му однесоа.

9 И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода – а тој не знаеше од каде е, но слугите, што ја беа донеле водата, знаеја – старосватот го повика младоженецот,

10 и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат, тогаш полошото; но ти си го чувал доброто вино до сега.“

11 Со ова направи Исус почеток на чудата во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него.

12 Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, браќата Негови и учениците Негови; и таму остана неколку дена.

Исус го очистува храмот

13 Се приближуваше Пасха јудејска и Исус се искачи во Ерусалим;

14 и ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари – како седат.

15 И откако направи камшик од врвци, ги избрка од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврте масите,

16 па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за трговија!“

17 Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде.“

18 А Јудејците, пак, одговорија и Му рекоа: „Со каков знак ќе ни докажеш дека го правиш тоа?“

19 Исус им одговори и рече: „Урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам.“

20 А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?“

21 Но Тој говореше за храмот на Своето тело.

22 А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус.

Исус ја знае човечката природа

23 И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина, гледајќи ги чудесните знаци Негови, што ги правеше, поверуваа во Неговото име.

24 Но Самиот Исус не им се доверуваше, бидејќи ги познаваше сите,

25 и немаше потреба никој да Му сведочи за човекот, бидејќи Самиот знаеше што има во човекот.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21