Јован 13 MK2006D

Последната вечера. Исус им ги мие нозете на учениците

1 А пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот за да премине од овој свет кај Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака.

2 И на вечерата, кога ѓаволот беше вметнал во срцето на Јуда Симонов Искариотски за да Го предаде,

3 Исус, знаејќи дека Отецот сѐ Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа,

4 стана од вечерата, ја соблече својата горна облека, зеде крпа и се препаша;

5 потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан.

6 Дојде и кај Симон Петар, а тој Му рече: „Господи, Ти ли ќе ми ги миеш нозете?“

7 Исус одговори и му рече: „Јас што правам сега, ти не знаеш, но подоцна ќе разбереш.“

8 Петар Му рече: „Никогаш Ти нема да ми ги миеш нозете!“ Исус му одговори: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене!“

9 Симон Петар Му рече: „Господи, тогаш не само нозете мои, туку и рацете и главата!“

10 Исус му одговори: „На измиениот треба само нозете да му се измијат, зашто целиот е чист, а вие сте чисти, но не сите.“

11 Бидејќи знаеше кој ќе го предаде, па затоа и рече: „Не сте сите чисти.“

12 А кога им ги изми нозете, ја облече облеката своја и седна пак на трпезата, па им рече: „Знаете ли што ви направив?

13 Вие Ме нарекувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи сум.

14 Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да си ги миете нозете.

15 Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас.

16 Вистина, вистина ви велам: нема слуга поголем од својот господар, ниту пратеник поголем од оној што го пратил.

17 Кога го знаете ова, блажени сте ако го извршувате.

18 Не го кажувам ова за сите вас, зашто Јас ги знам оние што ги избрав. Но нека се исполни Писмото: ‚Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене.‘

19 Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате дека сум Јас.

20 Вистина, вистина ви велам: кој го прими оној што го праќам Јас, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној што Ме прати.“

Исус говори за својот предавник

21 Штом го рече ова, Исус, потресен во духот, посведочи и рече: „Вистина, вистина ви зборувам дека еден од вас ќе Ме предаде.“

22 Тогаш учениците почнаа да се погледнуваат еден со друг, не разбирајќи за кого зборува.

23 А еден од учениците, кого Исус го сакаше, беше се навалил на градите Исусови.

24 Нему му даде знак Симон Петар да праша кој ли ќе е тој за кого што говори.

25 Тој, пак, се навали на градите Исусови и Му рече: „Кој е Господи?“

26 Исус одговори: „Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и ќе му го подадам.“ И кога натопи залак, му го подаде на Јуда Симонов Искариотски.

27 И тогаш, по залакот, сатаната влезе во него. А Исус му рече: „Што ќе правиш, прави побргу!“

28 А никој од оние што седеа на трпезата не разбраа зошто му го рече тоа.

29 Но, бидејќи Јуда го чуваше ковчежето, некои помислија дека Исус му рече: „Купи што ни треба за празникот!“ или да раздаде нешто на сиромасите.

30 А тој, штом го зеде залакот, веднаш излезе. А беше ноќ.

Нова заповед

31 Кога тој излезе, Исус рече: „Сега се прослави Синот Човечки и Бог се прослави во Него.

32 Ако Бог се прослави во Него, и Него Бог ќе Го прослави во Себе, и наскоро ќе Го прослави.

33 Чеда, уште малку сум со вас. Ќе Ме барате и, како што им реков на Јудејците дека каде што одам Јас вие не можете да дојдете, и вам ви велам сега.

34 Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.

35 По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе.“

36 Симон Петар Му рече: „Господи, каде одиш?“ Исус му одговори: „Каде што Јас одам, ти не можеш сега да дојдеш по Мене, но подоцна ќе дојдеш по Мене.“

37 Петар Му рече: „Господи, зошто не можам да одам по Тебе сега? Животот свој ќе го положам за Тебе.“

38 Исус му одговори: „Животот ли ќе го положиш за Мене? Вистина, вистина ти велам: нема петел да запее, додека ти трипати не се одречеш од Мене!“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21