1 Минувајќи, виде еден човек, слеп од раѓање.
2 Учениците Негови Го прашаа и рекоа: „Рави, кој згрешил – тој или родителите негови, та се родил слеп?“
3 Исус одговори: „Ниту тој, ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји врз него.
4 Јас треба да ги вршам делата на Оној што Ме прати додека е ден; настапува ноќ, кога не ќе може никој да работи.
5 Додека сум во светот, Јас сум Светлина на светот.“
6 Штом го рече тоа, плукна на земја, направи кал со плунката и ги намачка со неа очите на слепиот,
7 и му рече: „Отиди и измиј се во бањата Силоам!“, што значи: „Испратен“. Тој отиде, се изми и дојде гледајќи.
8 А соседите и оние, што порано го беа гледале како слеп, рекоа: „Зар не е овој што седеше и просеше?“
9 Едни велеа: „Тој е“, а други: „Личи на него.“ Тој, пак, зборуваше: „Јас сум.“
10 Тогаш го прашаа: „Како ти се отворија очите?“
11 Тој одговори и рече: „Еден Човек, Кој се вика Исус, направи кал, ми ги намачка очите и ми рече: ‚Отиди во бањата Силоам и изми се!‘ Отидов, се измив и прогледав.“
12 Пак го прашаа: „Каде е Тој?“ Тој рече: „Не знам.“
13 Тогаш го одведоа кај фарисеите човекот, кој порано беше слеп.
14 А беше сабота кога направи Исус кал и му ги отвори очите.
15 Го прашаа, пак, исто така и фарисеите: „Како прогледа?“ Тој им одговори: „Ми кладе кал на очите, се измив и сега гледам.“
16 Тогаш некои од фарисеите рекоа: „Не е од Бога Овој човек, штом не ја запазува саботата.“ Други рекоа: „Како може грешен човек да прави такви чуда?“ И настана расправија меѓу нив.
17 Пак му рекоа на слепиот: „Ти што велиш за оној што ти ги отвори очите?“ А тој рече: „Пророк е!“
18 Но Јудејците не поверуваа за него дека бил слеп и прогледал додека не ги повикаа родителите на оној што прогледа,
19 и ги прашаа, велејќи: „Дали е овој вашиот син, за кого велите дека се родил слеп?“ Па, како сега гледа?
20 Родителите негови одговорија и им рекоа: „Знаеме дека е овој наш син и дека се роди слеп;
21 но како сега гледа, не знаеме; или, кој му ги отвори очите, не знаеме. Тој е голем; прашајте го него, нека ви каже сам за себе!“
22 Ова го рекоа неговите родители, бидејќи се плашеа од Јудејците; зашто Јудејците се беа согласиле да биде исклучен од синагогата секој што ќе Го признае за Христос.
23 Затоа и родителите негови рекоа: „Тој е возрасен, него прашајте го!“
24 Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа: „Прослави Го Бога! Ние знаеме дека Оној Човек е грешен!“
25 А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам.“
26 Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“
27 Тој им одговори: „Јас веќе ви реков и не чувте; зошто сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?“
28 А тие го укорија и му рекоа: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици!
29 Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е.“
30 Одговори човекот и им рече: „Тоа е и за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите!
31 Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бога и ја исполнува Неговата волја, него го слуша.
32 Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден.
33 И ако Тој не беше од Бога, не ќе можеше да направи ништо.“
34 Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нѐ учиш?“ И го избркаа надвор.
35 Исус чу дека го истерале надвор, па го најде и му рече: „Веруваш ли ти во Синот Божји?“
36 Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?“
37 Исус му рече: „Си Го видел, токму Оној е кој зборува со тебе!“
38 А тој рече: „Верувам, Господи!“ И Му се поклони.
39 И рече Исус: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат оние што не гледаат, а оние што гледаат, да станат слепи.“
40 Го чуја тоа некои од фарисеите што беа со Него, и Му рекоа: „Зар и ние сме слепи?“
41 Исус им рече: „Да бевте слепи, грев немаше да имате; а сега велите дека гледате, затоа и гревот ви останува.“