1 Потоа пак им се јави Исус на учениците Свои кај Тиверијадското Море. А тоа се случи вака:
2 беа заедно Симон Петар и Тома, наречен Близнак, Натанаил од Кана Галилејска, Заведеевите синови и двајца други од учениците Негови.
3 Симон Петар им рече: „Ќе одам да ловам риба.“ Му рекоа: „И ние ќе дојдеме со тебе.“ Тогаш излегоа и веднаш влегоа во кораб, но таа ноќ ништо не уловија.
4 А кога се раздени, застана Исус на брегот, само учениците не го познаа дека е Исус.
5 Исус им рече: „Чеда, имате ли нешто за јадење?“ Му одговорија: „Не.“
6 А Тој им рече: „Фрлете ја мрежата од десната страна на коработ и ќе најдете!“ Ја фрлија, и не можеа веќе да ја извлечат од многу риби.
7 Тогаш ученикот, што го сакаше Исус, му рече на Петар: „Тоа е Господ!“ А Симон Петар, штом чу дека е Господ, си ја препаша облеката – зашто беше необлечен, и се фрли во морето.
8 А другите ученици, влечејќи ја мрежата со риби, дојдоа со кораб, зашто не беа далеку од брегот, но само околу двесте лакти.
9 Кога пак излегоа на брегот, видоа наложен оган, и на него ставена риба и леб.
10 Исус им рече: „Донесете од рибите што ги уловивте сега!“
11 А Симон Петар влезе и ја извлече мрежата на брегот, полна со крупни риби, на број сто педесет и три; и макар што беа толку многу, мрежата не се скина.
12 Исус им рече: „Дојдете, јадете!“ И никој не смееше да Го праша: „Кој си Ти?“, зашто гледаа дека е Господ.
13 Исус пријде, зеде леб и им даде, исто така и риба.
14 Ова беше веќе третпат како им се јави Исус на учениците Свои, откако воскресна од мртвите.
15 А кога завршија со јадењето, Исус му рече на Симон Петар: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли повеќе отколку овие?“ Петар Му рече: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги јагненцата Мои!“
16 Го праша пак, повторно: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар Му кажа: „Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам!“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!“
17 И по третпат му рече: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли?“ Петар се нажали дека по третпат го праша: „Ме сакаш ли?“ И Му рече: „Господи, Ти сѐ знаеш; Ти знаеш дека Те љубам.“ Исус му рече: „Паси ги овците Мои!
18 Вистина, вистина ти велам: кога беше помлад, сам се препашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те препаша и поведе на каде што нејќеш.“
19 А ова го рече за да покаже со каква смрт ќе го прослави Бог. И штом го кажа тоа, му рече: „Врви по Мене!“
20 А Петар, кога се заврти, виде дека по него оди оној кого Исус посебно го сакаше и кој на вечерата се беше навалил на градите Негови и прашуваше: „Господи, кој ќе Те предаде?“
21 Штом го виде Петар него, Му рече на Исус: „Господи, а овој, пак, зошто?“
22 Исус му рече: „Ако сакам тој да остане додека да дојдам, тебе што ти е? Ти врви по Мене!“
23 И се пренесе овој збор меѓу браќата дека тој ученик нема да умре. Но Исус не му рече дека нема да умре, туку: „Ако сакам тој да остане додека дојдам, тебе што ти е?“
24 Тој е ученикот кој сведочи за овие нешта и кој го напиша ова; и знаеме дека сведоштвото негово е вистинско.
25 А има и многу други работи што ги изврши Исус и кои, ако би се напишале по ред, ми се чини не би можеле да се сместат во целиот свет напишаните книги. Амин!