Јован 19 MK2006D

Исусовите страдања

1 Тогаш Пилат Го зеде Исуса и Го предаде да го бијат.

2 Војниците сплетоа венец од трње, Му го кладоа на главата и Му облекоа багреница,

3 и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ – и Го удираа по образите.

4 Пилат пак излезе надвор и им рече: „Еве, ви Го изведувам надвор, за да разберете дека не наоѓам во Него никаква вина.“

5 Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец, и багреница. И им рече Пилат: „Еве Го Човекот!“

6 А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: „Распни Го, распни!“ Пилат им рече: „Земете Го вие и распнете Го, зашто јас не наоѓам во Него вина.“

7 Јудејците му одговорија: „Ние имаме Закон и според нашиот Закон Тој треба да умре, зашто Сам се направи Син Божји.“

8 Кога го чу Пилат овој збор, уште повеќе се исплаши.

9 И пак влезе во преторијата и Му рече на Исус: „Од каде си Ти?“ Но Исус не му даде одговор.

10 Пилат Му рече: „Мене ли не ми одговараш? Не знаеш ли дека имам власт да Те распнам, и власт имам да Те пуштам!?“

11 Исус одговори: „Ти не би имал никаква власт над Мене ако не ти беше дадено одозгора; затоа поголем грев има оној што Ме предаде на тебе.“

12 Оттогаш Пилат гледаше да Го пушти. Но Јудејците пак викаа, зборувајќи: „Ако Го пуштиш Него, не си му пријател на царот. Секој што се прави цар, противник му е на царот.“

13 Штом го чу овој збор, Пилат Го изведе Исус надвор и седна на судскиот стол, на местото наречено Литостротон, а по еврејски Гавата.

14 Тогаш беше петок пред Пасха, околу шестиот час. И им рече Пилат на Јудејците: „Еве Го вашиот Цар!“

15 Но тие викаа: „Земи, земи, распни Го!“ Пилат им рече: „Царот ваш ли да Го распнам?“ Првосвештениците одговорија: „Ние немаме цар, освен цезарот.“

16 И тогаш им Го предаде за да биде распнат. И Го зедоа Исус, и Го поведоа.

Исусовото распнување

17 И носејќи го Својот крст, Тој излезе на местото наречено Черепница, а по еврејски Голгота;

18 таму Го распнаа, а со Него и други двајца, од едната и од другата страна, а насреде – Исус.

19 Пилат, пак, напиша и натпис, и го кладе на крстот. А беше напишано: „Исус од Назарет, цар Јудејски.“

20 Овој натпис го читаа мнозина од Јудејците, бидејќи местото, каде што беше распнат Исус беше близу до градот; а беше напишано на еврејски, грчки и латински.

21 Првосвештениците, пак, јудејски му рекоа на Пилат: „Не пишувај: Цар Јудејски, туку дека Тој рече: Јас сум Цар Јудејски.“

22 Пилат одговори: „Што напишав, напишав.“

23 А војниците, кога Го распнаа Исуса, ги зедоа алиштата Негови и ги разделија на четири дела, на секој војник по еден дел и хитонот. Хитонот, пак, не беше шиен, туку исткаен одозгора па додолу.

24 Тогаш си рекоа: „Да не го раскинуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде“ – за да се збидне кажаното во Писмото: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.“ Така и направија војниците.

25 Покрај крстот Исусов стоеја мајка Му Негова и сестрата на мајка Му, Марија Клеопова, и Марија Магдалена.

26 А Исус, штом ја виде мајка Си, и ученикот кого посебно го љубеше, како стои, ѝ рече на мајка Си: „Жено, ете ти син!“

27 Потоа му рече на ученикот: „Ете ти мајка!“ И од тој час ученикот ја зеде кај себе.

Исусовата смрт

28 По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свршено, за да се исполни Писмото, рече: „Жеден сум.“

29 Таму стоееше сад, полн со оцет. Тие наквасија сунѓер во оцетот, го закачија на трска и Му принесоа до устата Негова.

30 А кога вкуси Исус оцет, рече: „Се сврши!“ И кога ја наведна главата, го предаде духот.

Крв и вода

31 Бидејќи беше петок, Јудејците, за да не останат телата на крст во сабота, зашто во таа сабота беше голем ден, го замолија Пилат да им ги прекршат колената и да ги симнат.

32 Тогаш дојдоа војниците и им ги прекршија колената на првиот, како и на вториот, што беа распнати со Него.

33 А кога дојдоа до Исус и го видоа дека беше веќе умрен, не Му ги прекршија колената;

34 но еден од војниците со копје Му ги прободе ребрата, и наеднаш истече крв и вода.

35 И тој што виде – посведочи, и сведоштвото му е вистинско; и знае дека ја кажува вистината, за да поверувате вие.

36 Бидејќи ова стана за да се исполни Писмото: „Коска Негова нема да се прекрши.“

37 И друго Писмо пак вели: „Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.“

Положувањето во гроб

38 Потоа Јосиф од Ариматеја, кој беше Исусов ученик, но тајно, поради страв од Јудејците, го замоли Пилат да го симне телото и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово.

39 А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе кај Исус, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој.

40 Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат.

41 На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган.

42 Таму Го положија Исус поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21