Јован 14 MK2006D

Исус е патот кон Отецот

1 „Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте.

2 Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, зарем Јас ќе ви кажев: ‚Одам да ви приготвам место‘?

3 Кога ќе отидам и ќе ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас кај Себе за да бидете и вие каде што сум Јас.

4 А каде одам Јас знаете и патот го знаете.“

5 Тома Му рече: „Господи, не знаеме каде одиш; и како можеме патот да го знаеме?“

6 Исус му рече: „Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене.

7 Ако Ме бевте познавале, ќе го познававте и Мојот Отец. А отсега Го познавате, и сте Го виделе.“

8 Филип Му рече: „Господи, покажи ни Го Отецот, и доста ни е!“

9 Му одговори Исус: „Толку време сум со вас, и зар не си Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, па како ти велиш: ‚Покажи ни Го Отецот?‘

10 Не веруваш ли дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; туку од Отецот, Кој е секогаш во Мене, Тој ги врши делата.

11 Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене. Ако ли, пак, не – тогаш верувајте во Мене заради делата.

12 Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши; зашто Јас си одам кај Својот Отец;

13 и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го исполнам, за да се прослави Отецот во Синот.

14 Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.“

Ветување за Светиот Дух

15 „Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди.

16 Јас ќе Го помолам Отецот, и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека,

17 Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде.

18 Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас.

19 Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете.

20 Во оној ден вие ќе разберете дека Јас сум во Мојот Отец и вие сте во Мене, и Јас сум во вас.

21 Кој ги има заповедите Мои и ги пази, тој е оној што Ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе го возљубам, и ќе му се јавам Сам.“

22 Му рече Јуда, не Искариотски: „Господи, зошто сакаш нам да ни се јавиш, а не на светот?“

23 Исус одговори и му рече: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме.

24 Кој не Ме љуби, не го запазува словото Мое; а словото што го слушате, не е Мое, туку на Мојот Отец, Кој Ме испрати.

25 Ова ви го реков, бидејќи сум со вас.

26 А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сѐ и ќе ви напомни за сѐ што сум ви зборувал.

27 Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да страхува.

28 Чувте дека Јас ви реков: ‚Заминувам од вас и пак ќе дојдам кај вас.‘ Но ако Ме љубевте Мене, ќе се зарадувавте што реков: одам кај Отецот, зашто Мојот Отец е поголем од Мене.

29 И сега ви кажав, уште пред да се случи, та кога ќе се случи, да поверувате.

30 Нема веќе многу да зборувам со вас, зашто иде кнезот на овој свет и во Мене тој нема ништо.

31 Но за да разбере светот дека Го љубам Отецот и, како што Ми заповеда Отецот, така правам. Станете да си одиме одовде!“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21