1 Потоа одеше Исус по Галилеја, затоа што не сакаше да оди во Јудеја, бидејќи Јудејците сакаа да Го убијат.
2 Се приближуваше, пак, јудејскиот празник Сеници.
3 Тогаш браќата Негови Му рекоа: „Излези одовде и оди во Јудеја, та и учениците Твои да ги видат делата што ги вршиш.
4 Зашто никој не прави нешто тајно кога сака да се прочуе. Ако Ти ги вршиш овие работи, тогаш покажи се пред светот!“
5 Зашто и браќата Негови не веруваа во Него.
6 А на тоа Исус им одговори: „Моето време уште не е дојдено, а за вас времето е секогаш погодно.
7 Светов вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто Јас сведочам за него дека делата му се лоши.
8 Вие отидете на овој празник; Јас нема да излезам на овој празник, зашто времето Мое сѐ уште не се исполнило.“
9 Откако го рече тоа, остана во Галилеја.
10 Но, штом отидоа браќата Негови, и Тој отиде на празникот, но не јавно, туку некако скришум.
11 А Јудејците Го бараа на празникот и велеа: „Каде е Оној?“
12 И многу расправии имаше меѓу народот за Него; едни зборуваа: „Добар е“, а други велеа: „Не, туку го измамува народот!“
13 Но никој не зборуваше за Него отворено, поради страв од Јудејците.
14 А на средината од празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше.
15 И се чудеа Јудејците, велејќи: „Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?“
16 Тогаш им одговори Исус и рече: „Учењето Мое не е Мое, туку на Оној што Ме прати;
17 и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам.
18 Кој говори самиот од себе, тој си бара своја слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Тој е вистинит и во Него нема неправда.
19 Зар не ви го даде Мојсеј Законот? Но никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?“
20 Народот одговори и рече: „Демонот е во тебе! Кој сака да Те убие?“
21 Одговори Исус и им рече: „Едно дело извршив и сите се чудите.
22 Мојсеј ви го даде обрезанието, не затоа што тоа е од Мојсеј, туку од татковците – и вие во сабота обрезувате човек.
23 Ако човек се обрезува во сабота, за да не се наруши Законот Мојсеев, на Мене ли се гневите што цел човек излекував во сабота?
24 Не судете според надворешноста, туку судете со праведен суд!“
25 Тогаш некои од Ерусалим рекоа: „Не ли е Овој што Го бараат да Го убијат?
26 Ете, јавно говори и ништо не Му велат. Да не се увериле и началниците дека е Тој навистина Христос?
27 Но, Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос никој не ќе знае од каде е.“
28 Тогаш Исус, поучувајќи во храмот, извика гласно и рече: „И Мене Ме познавате и знаете од каде сум; но Сам од Себе не дојдов, туку Тој што ме прати е Вистинитиот; Него вие не Го познавате.
29 Јас, пак, Го знам, зашто сум од Него и Тој Ме прати.“
30 Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не кладе рака на Него, бидејќи уште не беше дошол часот Негов.
31 И мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: „Кога ќе дојде Христос, зар ќе направи поголеми чуда отколку што направи Овој?“
32 Чуја фарисеите дека народот така зборува за Него, па испратија фарисеите и првосвештениците слуги да го фатат.
33 Тогаш Исус им рече: „Уште малку време сум со вас, а потоа ќе отидам кај Оној Кој Ме прати.
34 Ќе Ме барате и нема да Ме најдете; и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете.“
35 А Јудејците си рекоа меѓу себе: „Каде ќе оди Овој та да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди при раселените меѓу Елините, па и Елините да ги поучува?
36 Што значат овие зборови: ‚Ќе Ме барате и не ќе Ме најдете‘; и ‚Каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете?‘“
37 А во последниот голем ден од празникот застана Исус и извика со силен глас, велејќи: „Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие!
38 Кој верува во Мене, како што е речено во Писмото, од неговата утроба, ќе потечат реки од жива вода.“
39 А ова го рече за Духот, Кого што ќе Го примат оние кои веруваат во Него; зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.
40 А мнозина од народот, кога ги чуја овие зборови, рекоа: „Навистина Овој е пророк!“
41 Други велеа: „Овој е Христос.“ А некои рекоа: „Зар од Галилеја ќе дојде Христос?
42 Не е ли речено во Писмото дека Христос ќе дојде од семето Давидово и од гратчето Витлеем, од каде што беше Давид?“
43 И така настана меѓу народот раздор за Него.
44 А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него.
45 Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: „Зошто не Го доведовте?“
46 А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек.“
47 Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелагавте и вие?
48 Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него?
49 Но, овој народ, што не го знае Законот, е проклет.“
50 Никодим, пак, кој беше отишол кај Него ноќе, а беше еден од нив, им рече:
51 „Осудува ли нашиот Закон човек додека најнапред не го сослушаат и не дознаат што прави?“
52 А тие му одговорија и рекоа: „Да не си и ти од Галилеја? Испитај и ќе видиш дека пророк од Галилеја не се јавува!“
53 И секој си отиде во својот дом.