Јован 12 MK2006D

Помазанието Исусово во Витанија

1 На шест дни пред Пасха дојде Исус во Витанија, каде што беше умрениот Лазар, кого го воскресна од мртвите.

2 Таму Му приготвија вечера и Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние што седеа со Него на трпезата.

3 А Марија, откако зеде литар чисто скапоцено миро, ги помаза нозете Исусови и ги избриша со косата своја нозете Негови; а куќата се исполни со мирис од мирото.

4 Еден од учениците Негови, Јуда Симонов Искариотски, кој сакаше да Го предаде, рече:

5 „Зошто не се продаде ова миро за триста денарии, и тоа да се раздадеше на сиромаси?“

6 Ова тој го рече не дека се грижеше за сиромасите, туку зашто беше крадец. Тој го чуваше ковчежето и крадеше од она што пуштаа во него.

7 А Исус рече: „Оставете ја! Таа го запази тоа за денот на Мојот погреб;

8 зашто сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш.“

Заговор и против Лазар

9 Мнозина од Јудејците разбраа дека Исус е таму, па дојдоа не само заради Исус, туку да го видат и Лазар, кого Тој го воскресна од мртвите.

10 А првосвештениците се договорија да го убијат и Лазар,

11 зашто мнозина од Јудејците доаѓаа поради него и веруваа во Исуса.

Свеченото влегување во Ерусалим

12 На другиот ден, мноштво народ, кој беше дошол на празникот, кога чуја дека Исус доаѓа во Ерусалим,

13 зедоа палмови гранчиња и излегоа да Го пречекаат; и извикуваа, велејќи: „Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев!“

14 А Исус, откако најде едно магаре, седна на него, како што е напишано:

15 „Не плаши се, ќерко, Сионова! Еве, Царот твој иде, седејќи на магаре.“

16 Но ова учениците Негови не го разбраа. А кога се прослави Исус, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него и дека Му го направија тоа.

17 Народот, што беше со Него кога Тој го извика Лазар од гробот и го воскресна од мртвите, сведочеше.

18 Затоа и Го пречека народот, зашто беше чул дека тоа чудо го направи Тој.

19 А фарисеите си велеа меѓу себе: „Гледате ли дека ништо не помага? Ете, светот тргна по Него!“

Некои Елини Го бараат Исуса

20 Меѓу дојдените за празникот на поклонение имаше и некои Елини.

21 Тие пристапија кон Филип, кој беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса.“

22 Дојде Филип и му кажа на Андреј, а Андреј и Филип Му кажаа на Исус.

23 Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки.

24 Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.

25 Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот.

26 Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.

Исус говори за Својата смрт

27 Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час.

28 Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И прославив, и пак ќе прославам.“

29 А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, рекоа: „Ангел Му проговори!“

30 Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас.

31 Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор.

32 И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“

33 А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре.

34 Народот Му одговори: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе остане, а како Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“

35 Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина; а кој оди по темнина, не знае каде оди.

36 Додека ја имате Светлината, верувајте во светлината, за да бидете синови на Светлината!“ Штом го рече тоа, Исус си замина и се сокри од нив.

Неверството на народот

37 Иако толку чудесни знаци беше направил пред нив, тие пак не веруваа во Него,

38 за да се исполни словото од пророкот Исаија, кој рече: „Господи, кој поверува во она што чул од нас? И раката Господова кому се откри?“

39 Тие затоа не можеа да поверуваат, зашто Исаија уште вели:

40 „Ги ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат, и да не се обратат за да ги излекувам.“

41 Ова го рекол Исаија кога ја беше видел славата Негова и зборувал за Него.

42 Но, и од началниците мнозина поверуваа, само заради фарисеите не признаваа за да не бидат исклучени од синагогата;

43 зашто им беше помила човечката слава отколку славата Божја.

Словото на Исус ќе суди

44 А Исус извика и рече: „Кој верува во Мене, не верува во Мене, туку во Оној Кој Ме пратил,

45 кој Ме гледа мене, Го гледа Оној Кој Ме пратил.

46 Јас – Светлина – дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина.

47 И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, зашто не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам.

48 Кој се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден.

49 Зашто Јас Сам од Себе не зборувам, но Отецот, Кој Ме прати. Тој Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам.

50 И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што го зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21