29 Таа кога чу, стана бргу и отиде кај Него;
30 зашто Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше каде што Го беше дочекала Марта.
31 Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи дека ќе оди на гробот да плаче.
32 А Марија, штом пристигна таму каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше ти овде, немаше да умре брат ми!“
33 Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи во духот и се потресе,
34 па рече: „Каде сте го положиле?“ Му рекоа: „Господи, дојди и види!“
35 Исус просолзи.