22 Дојде Филип и му кажа на Андреј, а Андреј и Филип Му кажаа на Исус.
23 Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки.
24 Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод.
25 Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот.
26 Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.
27 Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час.
28 Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И прославив, и пак ќе прославам.“