Јован 20:15-21 MK2006D

15 Исус ѝ рече: „Жено, зошто плачеш? Кого го бараш?“ Таа, мислејќи дека е градинарот, Му рече: „Господине, ако си Го зел Ти, кажи ми каде си Го положил, и јас ќе Го земам.“

16 Исус ѝ рече: „Марија!“ Таа се заврти и Му рече: „Равуни“ – што значи: „Учителе!“

17 И рече Исус: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец; туку отиди кај браќата Мои и кажи им: се враќам кај Својот Отец и вашиот Отец, кај Својот Бог и кај вашиот Бог.“

18 Дојде Марија Магдалена и им кажа на учениците дека Го видела Господа и дека тоа ѝ рекол.

19 А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: „Мир вам!“

20 И ова штом го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата Свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом Го видоа Господа.

21 А Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“