11 Вистина, вистина ти велам: ние зборуваме за она што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате.
12 Кога за земни работи ви зборувам и не верувате, како ќе поверувате кога би ви говорел за небесните?
13 Никој не се искачил на небото, освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото.
14 И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки,
15 та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен.
16 Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.
17 Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.