13 Никој не се искачил на небото, освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото.
14 И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки,
15 та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен.
16 Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.
17 Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
18 Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји.
19 А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли.