46 И така, Исус пак дојде во Кана Галилејска, каде што беше претворил вода во вино. Имаше еден царски човек, чиј син беше болен во Капернаум.
47 Тој, штом чу дека Исус пристигнал од Јудеја во Галилеја, отиде кај Него и Го замоли да слезе и да му го излекува синот, зашто беше на умирање.
48 А Исус му рече: „Ако не видите знаци и чуда, нема да поверувате?“
49 Царскиот човек Му рече: „Господи, дојди додека уште не ми умрело детето!“
50 А Исус му одговори: „Оди си! Твојот син е жив!“ И човекот поверува на зборот што му го кажа Исус и си замина.
51 И веднаш, уште додека слегуваше, го сретнаа слугите негови и му јавија: „Синот твој е жив!“
52 А тој ги праша за часот кога му станало полесно. Тие му одговорија: „Од вчера во седмиот час веќе нема треска.“