6 Таму беше изворот на Јаков. Исус, пак, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час.
7 Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!“
8 А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна.
9 Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ Зашто Јудејците со Самарјаните не се мешаат.
10 Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“
11 Жената Му рече: „Господи, Ти немаш ведро, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш жива вода?
12 Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!? И самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!“