8 А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна.
9 Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ Зашто Јудејците со Самарјаните не се мешаат.
10 Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“
11 Жената Му рече: „Господи, Ти немаш ведро, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш жива вода?
12 Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!? И самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!“
13 Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни;
14 а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен.“