18 Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, бидејќи не само што ја нарушуваше саботата, туку и Бога Го нарекуваше Свој Отец, правејќи се еднаков со Бога.
19 А Исус им одговори на тоа и рече: „Вистина, вистина ви велам: Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не види што прави Отецот; бидејќи она што го прави Тој, тоа истото го прави и Синот.
20 Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие.
21 Зашто, како што Отецот воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака.
22 Отецот не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот;
23 та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ниту Отецот, Кој Го пратил.
24 Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот.