20 Зашто, Отецот Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што Самиот прави; и ќе Му покаже дела поголеми од овие, за да се чудите вие.
21 Зашто, како што Отецот воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака.
22 Отецот не суди никого, туку целиот суд Му го предаде на Синот;
23 та сите да Го почитуваат Синот, како што Го почитуваат Отецот. Кој не Го почитува Синот, тој не Го почитува ниту Отецот, Кој Го пратил.
24 Вистина, вистина ви велам: кој го слуша словото Мое и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот.
25 Вистина, вистина ви зборувам: иде часот и веќе е дојден, кога мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и тие што ќе го чујат, ќе оживеат.
26 Зашто, како што Отецот има живот во Себе, така Му даде и на Синот да има живот во Себе;