39 А волјата на Отецот, Кој Ме прати, е оваа: од сѐ што Ми дал да не загубам ништо, туку да го воскреснам во последниот ден.
40 А оваа е волјата на Оној што Ме прати: секој што ќе го види Синот и ќе поверува во Него да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“
41 Негодуваа против Него Јудејците, зашто рече: „Јас сум лебот што слезе од небото“,
42 и зборуваа: „Зар не е Овој Исус, Јосифовиот син, Чиј татко и мајка ги познававме? Како тогаш Тој вели: ‚Слегов од небото.‘“
43 Им одговори Исус и рече: „Не мрморете меѓу себе.
44 Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.
45 Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа кај Мене.