14 А на средината од празникот, влезе Исус во храмот и поучуваше.
15 И се чудеа Јудејците, велејќи: „Како ги познава Овој Книгите, кога не учел?“
16 Тогаш им одговори Исус и рече: „Учењето Мое не е Мое, туку на Оној што Ме прати;
17 и ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам.
18 Кој говори самиот од себе, тој си бара своја слава; а кој ја бара славата на Оној што Го пратил, Тој е вистинит и во Него нема неправда.
19 Зар не ви го даде Мојсеј Законот? Но никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?“
20 Народот одговори и рече: „Демонот е во тебе! Кој сака да Те убие?“