1 И откако стана Исус оттаму, премина во пределите Јудејски, отаде Јордан. И пак се слеваше народ кон Него; а Тој, по Својот обичај, пак ги поучуваше.
2 И пристапија фарисеите и Го прашаа, искушувајќи Го: „Допуштено ли е, да ја остави мажот својата жена?“
3 А Тој им одговори и рече: „Како ви заповеда Мојсеј?“
4 Тие рекоа: „Мојсеј допушти да ѝ се даде разводно писмо и да се отпушти.“
5 Одговори Исус и им рече: „Поради тврдокорноста на вашето срце ви ја напишал таа заповед.
6 Во почетокот на создавањето, пак, Бог ги создаде машко и женско.
7 Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, ќе се прилепи до жената своја
8 и обата ќе бидат во едно тело; и така, тие веќе не се двајца, туку едно тело.
9 А Бог што соединил, човек да не разделува.“
10 И во куќата, учениците Негови пак Го прашаа за тоа.
11 И им рече: „Кој ќе ја отпушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува со неа;
12 а и жена, ако се одвои од својот маж и појде за друг, прељубодејствува.“
13 И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа.
14 И кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: „Оставете ги децата да доѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е царството Божјо.
15 Вистина ви велам, кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“
16 И откако ги прегрна, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.
17 А кога излегуваше на пат, дотрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: „Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?“
18 Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единиот Бог!
19 Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не убивај; не кради; не сведочи лажно; не чини неправда; почитувај ги татка си и мајка си.“
20 А тој Му одговори и рече: „Учителе, сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“
21 Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: „Уште едно ти недостасува: оди и продај сѐ што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене, кога ќе го земеш крстот.“
22 Тој се натажи кога ги чу овие зборови, и си отиде нажален, зашто имаше големо богатство.
23 И кога погледна Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!“
24 А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо!
25 Полесно камила ќе влезе низ иглени уши, отколку богат во царството Божјо.“
26 А тие се чудеа многу и си велеа меѓу себе: „Тогаш, кој може да се спаси?“
27 Кога ги погледа Исус, им рече: „За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!“
28 И Петар почна да Му говори: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме.“
29 А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Мене и Евангелието,
30 а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен.
31 И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.“
32 Кога беа на пат, искачувајќи се кон Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие се чудеа и одеа по Него со страв. И кога ги повика повторно дванаесетмината, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него.
33 „Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.
34 И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“
35 Тогаш пристапија кон Него Заведеевите синови, Јаков и Јован и рекоа: „Учителе, сакаме да ни го исполниш она, што ќе го побараме.“
36 Тој ги праша: „Што сакате да сторам за вас?“
37 А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.“
38 Но Тој им рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштевањето, со кое се крштевам Јас?“
39 Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата, пак, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштевањето, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите;
40 но, да седнете од Мојата десна или лева страна, не е Мое да дадам, туку е за оние за кои е подготвено.“
41 Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јаков и Јован.
42 Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат за владетели народни, господарат над нив, и големците управуваат над нив.
43 Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;
44 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга на сите.
45 Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина.“
46 Потоа пристигнаа во Ерихон. И кога излегуваше Исус од Ерихон со учениците Свои и со многу народ, Тимеевиот син, Вартимеј, кој беше слеп, седеше покрај патот и просеше.
47 Па, кога чу дека е тоа Исус од Назарет, почна да вика и да вели: „Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!“
48 И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!“
49 Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: „Не плаши се, стани, те вика!“
50 А тој, кога ја фрли својата облека, стана и дојде кај Исус.
51 А Исус, одговарајќи му, го запраша: „Што сакаш да сторам за тебе?“ Слепиот Му рече: „Да прогледам, Учителе!“
52 А Исус му рече: „Оди си, верата твоја те спаси!“ И тој веднаш прогледа, па тргна патем по Исус.