1 И им рече: „Има некои меѓу овие што стојат овде, кои нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“
2 А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив.
3 Алиштата Му станаа сјајни, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели.
4 И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус.
5 Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“
6 Зашто не знаеше што да каже, бидејќи беа многу уплашени.
7 И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“
8 И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус.
9 А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не кажуваат што виделе, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.
10 И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“
11 И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“
12 А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен.
13 Но ви велам дека и Илија дојде, како што е напишано за Него, и му направија што сакаа.“
14 И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив.
15 И штом Го виде, сиот народ се зачуди; и притрчувајќи, Го поздравуваа.
16 Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“
17 Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух;
18 и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“
19 А Исус одговори и рече: „О, роде безверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“
20 И кога го доведоа кај Него – штом го виде духот, веднаш го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет.
21 Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството;
22 и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“
23 А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што верува!“
24 И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“
25 А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“
26 И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело.
27 Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана.
28 И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?“
29 И им рече: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“
30 И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере.
31 Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне.
32 Но тие не ги разбираа овие зборови, а се плашеа да Го прашаат.
33 И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што се расправавте меѓу себе патем?“
34 А тие молчеа, зашто патем се расправаа меѓу себе, кој е најголем.
35 Тој седна и ги повика дванаесетмината, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите!“
36 И тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го прегрна и им рече:
37 „Кој прима едно од ваквите деца во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Кој Ме пратил.“
38 Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој не врви по нас, а во Твое име демони изгонува, а не врви по нас; и му забранивме, зашто не оди по нас.“
39 А Исус рече: „Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене.
40 Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.
41 И кој ве напои со чаша вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да ја изгуби својата награда.“
42 „А кој ќе соблазни едно од овие малите, што веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да се фрли в море.
43 И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку со две раце да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган,
44 каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.
45 И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку со двете нозе да бидеш фрлен во пеколот, во неизгасливиот оган,
46 каде што нивниот црв не умира ниту огнот не изгаснува.
47 И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во огнениот пекол,
48 каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.
49 Зашто секој со оган ќе се посоли, и секоја жртва со сол ќе се осоли.
50 Солта е добра; но, ако солта облутави, со што ќе ја осолите? Имајте сол во себе, и мир имајте меѓу себе!“