Марко 11 MK2006D

Свеченото влегување во Ерусалим

1 И кога се приближи до Еру­са­лим, во Витфагија и Витанија, кај Маслиновата Гора, испрати Исус двајца од учениците Свои,

2 и им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом ќе влезете во не­го, ќе најдете врзано младо магаре, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го!

3 И, ако ви рече некој: ‚Зошто го пра­вите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господа; и тој веднаш ќе го прати ту­ка.“

4 Тие отидоа и го најдоа младото ма­га­ре, врзано за портата однадвор, на крстопатот и го одврзаа.

5 И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го од­врзувате магарето?“

6 А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус и тие ги оставија.

7 И го доведоа младото магаре кај Ис­ус, ги кладоа врз него алиштата свои и Тој седна на него.

8 И мнозина ги постилаа своите облеки по патот. А други, пак, сечеа гран­чиња од дрвјата и ги постилаа по патот.

9 А оние, што одеа пред Него и по Не­го, викаа и велеа: „Осана! Благословен е Оној што доаѓа во името Господово!

10 Благословено е царството на наши­от татко Давид, кое иде во името Гос­по­дово! Осана во висините!“

11 И влезе Исус во Ерусалим, во хра­мот, разгледа сѐ, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетмината во Витанија.

Смоквата што не дава плод

12 А утредента, кога излегоа од Ви­та­нија, Тој огладне;

13 и откако оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доб­лижи до неа, не најде ништо освен лис­ја, зашто уште не беше времето за смокви.

14 И проговори Исус и ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ И го чуја тоа учениците Негови.

Исус во храмот

15 И пак дојдоа во Ерусалим. И откако влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во хра­мот, и им ги преврте масите на менува­чите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби;

16 и не дозволуваше никој преку хра­мот да пренесе каков и да било сад.

17 И ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие од него направивте разбојничко гнездо!“

18 И кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење.

19 А кога се стемни, Тој излезе надвор од градот.

Лекција за смоквата

20 Утредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен.

21 И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја про­колна, се исушила!“

22 А Исус им одговори и рече:

23 „Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку по­ве­рува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже.

24 Затоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете – и ќе ви биде.

25 И кога стоите на молитва, прос­ту­вај­те, ако имате нешто против некого, па и вашиот Отец, Кој е на небесата, да ви ги прос­ти вашите грешки.

26 Ако ли, пак, вие не простувате, и вашиот Отец, Кој е на небесата, нема да ви ги прости грешките ваши.“

Исусовата власт

27 И пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, пријдоа до Него првосвештениците, книжниците и старешините,

28 па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или, кој Ти ја дал таа власт, да го правиш ова?“

29 Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам ова.

30 Крштевањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!“

31 А тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ‚Од небото‘ – ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘

32 Но, ако кажеме, ‚Од луѓето‘“ – се плашеа од народот; зашто сите го сме­таа Јован за вистински пророк.

33 И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и ре­че: „Ниту јас не ви кажувам, со каква власт го вршам ова.“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16