1 По неколку дена, Тој пак дојде во Капернаум; и се чу дека е в куќи.
2 Веднаш се собраа мнозина, така што и пред вратата не можеа да се сместат; а Тој им го објавуваше Словото.
3 И дојдоа кај Него со еден фатен, кого го носеа четворица;
4 па, бидејќи не можеа да пријдат до Него од народот, го открија и го пробија покривот од куќата, каде што беше Тој и ја спуштија постелката, на која лежеше фатениот.
5 А Исус, кога ја виде нивната вера, му рече на фатениот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои!“
6 Таму седеа некои од книжниците и си помислија во срцата свои:
7 „Што хули Овој на Бога? Кој може да простува гревови, освен единиот Бог?“
8 Исус, веднаш штом дозна со Својот дух дека тие така мислат во себе, им рече: „Зошто го помислувате тоа во срцата свои?
9 Што е полесно да му кажам на фатениот: ‚ти се простуваат гревовите‘, или да речам: ‚Стани, земи ја постелката своја и оди‘?
10 Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите“ – му рече на фатениот –
11 „Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома!“
12 И тој стана веднаш, па, штом ја зеде постелката, излезе пред сите – така што сите се восхитуваа и Го славеа Бога, велејќи: „Никогаш вакво нешто не сме виделе!“
13 И излезе Исус пак покрај морето, и сиот народ доаѓаше кај Него, и Тој ги поучуваше.
14 И минувајќи, го виде Левиј Алфеев, кој седеше на царинарницата и му рече: „Врви по Мене!“ Тој стана и тргна по Него.
15 А кога седеше Исус на трпезата во неговата куќа, заедно со Него седеа и учениците Негови, и многу цариници и грешници; зашто тие беа мнозина и врвеа по Него.
16 Книжниците и фарисеите, штом Го видоа како јаде со цариници и грешници, им рекоа на учениците Негови: „Зошто Тој со цариници и грешници јаде и пие?“
17 Кога го чу тоа Исус, им рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание.“
18 Учениците на Јован и на фарисеите постеа. И приоѓаа некои, па Му велеа: „Зошто учениците Јованови и на фарисеите постат, а Твоите ученици не постат?“
19 Исус им рече: „Зар можат сватовите да постат кога младоженецот е со нив!? Додека е со нив младоженецот, тие не можат да постат;
20 но ќе дојдат дни, кога ќе им го одземат младоженецот и тогаш, во тие дни, и тие ќе постат.
21 Никој не крпи нова крпа на стара облека; инаку, новозашиената крпа ќе се отшие од старото, и отворот ќе биде уште поголем.
22 Никој не става ново вино во стари мевови; инаку, новото вино ќе ги расцепи мевовите и виното ќе истече, а мевовите ќе се упропастат; туку ново вино треба да се става во нови мевови.“
23 И се случи во саботен ден да минува преку нивјето, и врвејќи, учениците Негови почнаа да кинат класје.
24 А фарисеите Му рекоа: „Гледај, зошто го прават во сабота тоа, што не е допуштено?“
25 Но Тој им рече: „Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога имаше потреба и огладне тој и оние, што беа со него?
26 Како влезе во храмот Божји, во времето на првосвештеникот Авијатар, ги изеде лебовите на предложението, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него!“
27 Потоа продолжи: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата.
28 Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.“