1 Преминаа отаде море, во Гадаринската земја.
2 И кога Тој излезе од коработ, веднаш Го пресретна од гробовите еден човек со нечист дух.
3 Тој живееше во гробовите, и дури и со вериги никој не можеше да го врзе;
4 зашто многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше оковите и ги раскинуваше веригите, и никој не можеше да го скроти;
5 и секогаш, ноќе и дење, тој беше во гробовите и по ридиштата, викаше и се удираше со камења.
6 Штом Го виде Исуса оддалеку, притрча и Му се поклони.
7 Па, како извика со силен глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!“
8 Зашто му беше рекол: „Духу нечист, излези од човекот!“
9 И го праша: „Како те викаат?“ А тој одговори и рече: „Легија ми е името, зашто сме многу.“
10 И многу Го молеа да не ги брка од тој крај.
11 А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи.
12 И Го молеа сите демони и велеа: „Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.“
13 И Исус веднаш им дозволи. Откако излегоа, нечистите духови влегоа во свињите, и јурна крдото по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето.
14 А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по селата. И излегоа луѓето да видат што станало.
15 И дојдоа кај Исус, и го видоа бесомачниот во кого имаше легија, како седи облечен и со здрав ум; и се уплашија.
16 А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со бесомачниот и со свињите.
17 И почнаа да Го молат да си оди од нивните краишта.
18 А кога влезе во коработ, оној, што беше бесомачен, Го помоли да биде со Него.
19 Исус не му дозволи, но му рече: „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.“
20 Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.
21 А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето.
22 И ете, дојде еден од старешините на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови
23 и усрдно Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“
24 И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.
25 Една жена, што боледуваше од крвотечение дванаесет години,
26 и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и без никаква полза, а ѝ станало дури уште полошо,
27 штом чу за Исус, дојде меѓу народот одзади и се допре до облеката Негова;
28 зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеките Негови, ќе оздравам.“
29 И веднаш престана крвотечението, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста.
30 А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до облеката моја?“
31 Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“
32 Но Тој гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа.
33 Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, пријде, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина.
34 А Тој ѝ рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!“
35 Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од кај старешината на синагогата и рекоа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот!“
36 Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече на старешината на синагогата: „Не плаши се, само верувај!“
37 И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, на Јаков, и на Јован, братот на Јаков.
38 Дојде во куќата на старешината на синагогата и виде врева, плачење и силно врискање.
39 И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Девојчето не е умрено, туку спие!“
40 А тие Му се потсмеваа. Тој, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето.
41 И кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!“ – што значи: „Девојко, тебе ти велам, стани!“
42 И девојката одеднаш стана и почна да оди. А имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу.
43 А Тој строго им заповеда, никој да не разбере за тоа и рече: „Дајте ѝ да јаде!“