1 И веднаш утредента одржаа состаник првосвештениците, со старешините и книжниците, и целиот Синедрион, па Го врзаа Исус, Го одведоа и Го предадоа на Пилат.
2 А Пилат Го праша: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и рече: „Ти велиш.“
3 И првосвештениците Го обвинуваа многу. Но, Тој не одговараше ништо.
4 А Пилат пак Го праша, велејќи: „Ништо ли не одговараш? Гледаш колку Те обвинуваат!“
5 Но Исус ништо повеќе не одговори, така што Пилат се воодушевуваше.
6 А на секој Празник им ослободуваше по еден осуденик, кого што ќе го побараа.
7 И имаше некој, по име Варава, во окови заедно со придружниците, што во една буна извршиле убиство.
8 И кога извика народот, почна да го моли Пилат да им го направи она, што секогаш го правеше.
9 А тој им одговори и рече: „Сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“
10 Зашто знаеше дека првосвештениците Го беа предале од завист.
11 Но првосвештениците го наговорија народот да бара да им го пушти Варава.
12 Пилат пак им одговори и рече: „Што сакате да направам со Оној, што Го нарекувате Цар Јудејски?“
13 Тие одново извикаа, велејќи: „Распни Го!“
14 Пилат им рече: „Какво зло направил?“ Но тие уште посилно извикаа: „Распни Го!“
15 Тогаш Пилат, сакајќи да му угоди на народот, им го пушти Варава, а Исуса Го камшикуваше и Го предаде да Го распнат.
16 Војниците, пак, Го одведоа внатре во дворот, односно во преторијата, и повикаа цела чета,
17 па Му облекоа багреница, и откако сплетоа трнов венец, Му го кладоа на главата;
18 и почнаа да Го поздравуваат: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“
19 И Го удираа по главата со трска и плукаа на Него, Му се поклонуваа, паѓајќи на колена.
20 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ја облекоа Неговата облека и Го поведоа да Го распнат.
21 И го натераа еден минувач, некој си Симон Киринеец, таткото на Александар и на Руф, кој се враќаше од поле, да Му го носи крстот.
22 Па Го доведоа на местото Голгота, што значи: место на черепи.
23 И Му дадоа да пие вино со смирна, но Тој не зеде.
24 И откако Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка за нив, кој што да земе.
25 Беше третиот час, и Го распнаа.
26 И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски.“
27 А со Него распнаа и два разбојника, едниот од десната, а другиот од левата Негова страна.
28 И се исполни Писмото, кое вели: „И меѓу беззаконици Го ставија.“
29 А минувачите, вртејќи глава, Го хулеа и велеа: „Аха! Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш,
30 спаси се Себеси и слези од крстот!“
31 Исто така и првосвештениците со книжниците Му се смееја и велеа: „Другите ги спасуваше, а Себе не може да се спаси!
32 Христос, Царот израилев, нека слезе сега од крстот, па да видиме и да поверуваме!“ Го хулеа и распнатите со Него.
33 А во шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час.
34 И во деветтиот час Исус извика со силен глас: „Елои, Елои, Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави?“
35 Некои од оние, што стоеја таму, штом го чуја тоа, рекоа: „Ете, го вика Илија!“
36 А еден отрча, натопи сунѓер во оцет, па како го закачи на трска, Му даваше да пие, велејќи: „Почекајте да видиме, ќе дојде ли Илија да Го симне.“
37 А Исус испушти силен глас и издивна.
38 И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу.
39 А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“
40 Имаше и жени што гледаа оддалеку; меѓу нив беше и Марија Магдалена, и Марија, мајката на Јаков Малиот и на Јосија, и Саломија,
41 кои и тогаш, кога Тој беше во Галилеја, врвеа по Него и Му служеа, и многу други што беа дошле со Него во Ерусалим.
42 А кога се стемни веќе, бидејќи беше петок, односно ден спроти сабота,
43 дојде Јосиф од Ариматеја, угледен советник, кој и сам го очекуваше царството Божјо, се осмели да влезе кај Пилат и го замоли за телото Исусово.
44 Пилат се зачуди дека Тој веќе умрел; и откако го повика стотникот, го праша дали одамна умрел.
45 Па штом дозна од стотникот, му го даде телото на Јосиф.
46 А Јосиф купи плаштаница, Го симна и Го обви во плаштаницата и Го положи во гроб, што беше издлабен во карпа и навали камен на гробната врата.
47 А Марија Магдалена и Марија Јосиева гледаа каде Го полагаат.