1 Штом мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и да Го помазаат Исуса.
2 И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето,
3 па си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?“
4 И кога погледнаа, видоа дека каменот е одвален, а тој беше многу голем.
5 Штом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија.
6 А тој им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што го положија.
7 Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.“
8 Па, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се плашеа.
9 А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони.
10 Таа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа;
11 Но тие, кога чуја дека е Он жив и дека таа Го видела, не поверуваа.
12 Потоа им се јави во друг лик на двајца од нив по пат, кога одеа в село.
13 И штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа.
14 Најпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и тврдокорност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат.
15 Па им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание.
16 Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.
17 А знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат демони; ќе говорат нови јазици;
18 ќе фаќаат змии в раце и ако нешто смртоносно испијат, нема да им наштети; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.“
19 А откако им го рече ова, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога.
20 Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ им помагаше и им го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа. Амин!