Марко 3 MK2006D

Исус исцелува во сабота

1 И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака.

2 И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат.

3 А Тој му рече на човекот со ису­ше­ната рака: „Застани насреде!“

4 Ним, пак, им кажа: „Во сабота допуштено ли е да се прави добро или зло; да се спаси една душа или да се погуби?“ А тие молчеа.

5 Па, кога ги изгледа со гнев, натажен поради нивните ска­ме­нети срца, му ре­че на човекот: „Про­тегни ја раката сво­ја!“ Тој ја протегна и раката му стана здрава, како и другата.

6 Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со Иродовците на совет против Него, како да Го погубат.

Мноштво следбеници

7 Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето и по Него одеше многу на­род од Галилеја и од Јудеја,

8 од Ерусалим и од Идумеја и отаде Јордан. И од Тир и Сидон, откако чу­ја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него.

9 И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Го туркаат;

10 зашто мнозина беше излекувал, та­ка што сите, кои беа болни, навалуваа кон Него за да се допрат до Него.

11 И нечистите духови, штом ќе Го ви­деа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: „Ти си Син Божји!“

12 Но Тој строго им забрануваше да разгласуваат за Него.

Исус избира дванаесет апостоли

13 Потоа се искачи на гората и ги по­вика кај Себе оние, кои Сам ги одбра и тие дојдоа кај Него.

14 Избра дванаесетмина да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат;

15 и да имаат власт да лекуваат бо­лес­ти и да изгонуваат демони:

16 Симон, на кого му даде име Пе­тар;

17 па Јаков Заведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што зна­чи, синови на громот;

18 потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Кананит

19 и Јуда Искариотски, кој и Го предаде.

Исус и Велзевул

20 И дојдоа в куќи; и пак се собра на­род, така што тие не можеа ниту леб да јадат.

21 И кога чуја Неговите, отидоа да Го приберат, зашто се говореше дека не бил на Себеси.

22 А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Вел­зе­вул и дека демоните ги истерува со силата на заповедникот на демоните.

23 И кога ги повика, им говореше во параболи: „Како може сатаната да изго­нува сатана?

24 Ако едно царство се раздели самото против себе, тоа царство не може да се одржи;

25 и, ако еден дом се раздели самиот против себе, тој дом не може да опстане;

26 ако и сатаната се дигнал против се­беси, и се разделил, не ќе може да се одржи, но му дошол крајот.

27 Никој не може, кога ќе влезе во ку­ќата на силен човек, да му ја ограби по­ку­ќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе по­куќ­нината.

28 Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, колку и да хулат;

29 но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.“

30 Зашто велеа: „Нечист дух има во Него.“

Исусовото семејство

31 И дојдоа мајка Му и браќата Не­го­ви, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат.

32 А околу Него седеше народ, и Му рекоа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.“

33 А Тој им одговори, велејќи: „Која е Мојата мајка и кои се браќата Мои?“

34 Па, упатувајќи поглед кон оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа.

35 Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мај­ка!“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16