Марко 4 MK2006D

Парабола за сејачот

1 И пак почна да поучува покрај мо­рето; и се собра околу Него многу народ; Тој влезе тогаш во кораб во мо­рето и седеше, а сиот народ стоеше на суво, покрај морето.

2 И ги поучуваше многу со параболи, и во поуките Свои им велеше:

3 „Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее;

4 и се случи, кога сееше, едно семе да падне покрај патот, па долетаа пти­ци­те небески и го исколваа.

5 Друго падна на каменито место, ка­де што немаше многу земја, и набргу изникна, зашто земјата не беше дла­бо­ка;

6 а кога изгреа сонцето, тоа свена, па бидејќи немаше корен, се исуши.

7 Некое падна на трње; и израсна тр­њето, го задуши и не даде плод.

8 А друго падна на добра земја и поч­на да дава плод, што израсна и узреа; и принесе: кое триесет, кое шеесет, кое сто.“

9 И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!“

Зошто служат параболите?

10 А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетмината, Го прашаа за параболата.

11 И им кажа: „Вам ви е дадено да ја знаете тајната на царството Божјо, а на оние, надворешните, сѐ е во параболи,

12 за да гледаат со очи и да не видат; да слушаат со уши и да не разбираат; за да не би се обратиле некогаш, па да им се простат гревовите.“

13 И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги раз­бе­рете сите параболи?

Објаснување на параболата

14 Сејачот го сее словото.

15 Посеаното покрај патот се оние, кај кои се сее словото, но кај кои, откако ќе го чујат, веднаш доаѓа са­та­ната и им го грабе словото, посеано во срцата нивни.

16 Исто така и посеаното на каменито место се оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го при­ма­ат,

17 но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога ќе настане неволја или гонење заради словото, веднаш се соб­лазнуваат.

18 Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото,

19 но грижите за овој век, примамли­во­то богатство и други желби, кои, кога ќе се вселат во нив, го задушуваат сло­вото и тоа останува бесплодно.

20 А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го при­ма­ат и донесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.“

Светило и мерка

21 И им рече: „Зар се внесува светило за да се стави под поклопец или под кревет? Не затоа ли, да се стави на свеќник?

22 Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту пак, нешто сокриено, што нема да излезе на видело.

23 Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“

24 И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придодаде, вам што слушате.

25 Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“

Парабола за посеаното семе

26 Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја,

27 па спие, и станува ноќе и дење; а ка­ко никнува и како расте семето, тој не знае.

28 Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот.

29 А кога ќе узрее плодот, веднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.“

Парабола за синаповото зрно

30 И говореше: „Со што да го спо­редиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме?

31 Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите земни семиња;

32 а кога ќе се посее, израснува и ста­нува поголемо од сите зеленчуци, и пуш­та големи гранки, така што под неговата сенка можат да се вгнездат пти­ците небески.“

Поучување со параболи

33 И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што мо­жеа да слушаат.

34 И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објас­ну­ваше.

Исус стивнува бура

35 Тој ден вечерта им рече: „Да ми­не­ме на спротивната страна!“

36 И кога го отпуштија народот, уче­ниците Го зедоа, како што беше во коработ, а и други кораби беа со нив.

37 И се подигна бурен ветер, и брано­вите се префрлуваа во коработ, така што тој веќе се полнеше.

38 Тој, пак, беше на кормилото и спи­еше на возглавница; Го разбудија и Му рекоа: „Учителе, зар не Ти е грижа што загинуваме?“

39 А Тој стана, му заповеда на ветрот и му рече на морето: „Замолкни, прес­та­н­и!“ И ветрот стивна, и настана голема тишина.

40 Па им рече: „Што сте толку плаш­ливи? Како немате вера?“

41 И ги опфати голем страв, и говореа еден на друг: „Кој е, пак, Овој, што и ветрот и морето Го слушаат?“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16