Марко 14 MK2006D

Заговор против Исус

1 По два дни беше Пасха и праз­никот Бесквасници. А прво­свеш­тениците и книжниците сакаа да Го фа­тат на измама и да Го убијат;

2 но велеа: „Не на празникот, за да не стане бунт меѓу луѓето.“

Помазанието во Витанија

3 А кога Тој беше во Витанија, во ку­ќата на Симон Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со алабастерен сад со скапоцено и чисто нардово миро и, кога го искрши садот, го изли мирото врз главата Негова.

4 А некои негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирото да се растура?

5 Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста денарии, и да им се раздадат на сиромасите.“ И негодуваа против неа.

6 Но Исус рече: „Оставете ја неа; зошто ја буните? Таа направи добро де­ло кон Мене!

7 Сиромасите секогаш ги имате со вас и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.

8 Тоа што можеше, таа го направи: однапред го помаза телото Мое за пог­ребение.

9 Вистина ви велам: каде и да се про­поведа ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.“

Предавникот Јуда

10 Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетмината, отиде кај прво­свеш­те­ни­ци­те за да им Го предаде.

11 А тие, штом чуја, се зарадуваа и ве­тија да му дадат пари. И бараше погодно време за да Го предаде.

Подготвување на Пасхалната вечера

12 Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“

13 И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве срет­­не еден човек, што ќе носи стомна со вода; одете по него.

14 И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘

15 И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“

16 И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им бе­ше рекол, па ја приготвија Пасхата.

Исус го посочува својот предавник

17 А кога се стемни, Тој дојде со два­наесетмината.

18 И кога седеа на трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме пре­даде.“

19 Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?“

20 А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетмината е, што мака со Мене во чи­нијата.

21 Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Чо­веч­ки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!“

Востановување

22 И кога јадеа, зеде Исус леб, го бла­гослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; ова е Моето тело.“

23 Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите.

24 И им рече: „Ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина.

25 Вистина ви велам: нема да пијам веќе од лозовиот плод, сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.“

26 Па, откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Го­ра.

Петар ќе се одрече од Исус

27 И им рече Исус: „Сите ќе се соб­лаз­ните заради Мене во оваа ноќ, зашто е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот и ќе се разбегаат овците.‘

28 А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“

29 А Петар Му рече: „Дури и сите да се соблазнат, јас не!“

30 И му рече Исус: „Вистина, ти велам дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“

31 Но тој уште поодлучно говореше: „Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ И сите истото го рекоа.

Молитвата во Гетсиманија

32 Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: „Седете овде, додека отидам да се помолам!“

33 И ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован; се замисли и почна да тагува,

34 па им рече: „Душата Ми е до смрт нажалена; останете тука и бидете будни!“

35 И штом се оддалечи малку, падна на земја и се молеше, за да Го одмине часот, ако е можно;

36 и велеше: „Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; се­пак не како Јас што сакам, туку како Ти!“

37 Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петар: „Симоне, спиеш ли? Не можеше ли еден час да бидеш буден?

38 Бидете будни и молете се да не пад­не­те во искушение: зашто духот е бодар, но телото е слабо.“

39 И пак отиде и се помоли, изгова­рај­ќи ги истите оние зборови.

40 А кога се врати, ги најде пак како спијат, зашто очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат.

41 И по третпат дојде и им рече: „Са­мо спиете и почивате! Доста, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници.

42 Станете, да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“

Исусовото приведување

43 И веднаш, додека Тој сѐ уште гово­реше, Јуда, еден од дванаесетмината, дојде, и со него многу народ со мечеви и со ста­пови, испратени од прво­свеш­тениците, книжниците и старешините.

44 А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е: фатете Го и водете Го претпазливо!“

45 Па, кога дојде, веднаш пријде до Него и рече: „Те поздравувам, Рави!“ И Го целива.

46 А тие ги кладоа рацете свои на Не­го и Го фатија.

47 Еден, пак, од оние, што стоеја таму, из­вади нож, го удри слугата на прво­свештеникот и му го отсече увото.

48 Исус им одговори и рече: „Зар како на разбојник сте излегле со мечеви и стапови, за да Ме фатите?

49 Секој ден бев со вас во храмот и поучував, и не Ме фативте. Но, нека се исполнат Писмата.“

50 И откако Го оставија, сите се разбегаа.

51 А по Него врвеше некој млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија тој млад човек.

52 Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.

Исусовото сослушување

53 И Го доведоа Исуса кај прво­свеш­те­никот, и се собраа таму сите прво­свеш­теници, старешини и книжници.

54 А Петар врвеше по Него оддалеку, сѐ до внатре, во дворот на прво­свеш­теникот; па седна со слугите и се гре­еше на огнот.

55 Првосвештениците и целиот Синед­рион бараа сведоштва против Исуса, за да Го убијат, и не наоѓаа.

56 Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, но тие сведоштва не се сложуваа.

57 И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи:

58 „Чувме кога Тој говореше: ‚Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен.‘“

59 Но ниту тоа нивно сведочење не беше еднакво.

60 И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса говорејќи: „Ништо ли не одговараш? Што све­до­чат овие против Тебе?“

61 Но Тој молчеше и ништо не одгова­раше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?“

62 Исус рече: „Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како доаѓа на обла­ци­те небески.“

63 А првосвештеникот ја раскина облеката своја и рече: „Зошто ни се по­веќе сведоци?

64 Чувте како хули на Бога; што мис­ли­те?“ И сите тие Го осудија дека зас­лужува смрт.

65 А некои почнаа да плукаат на Него, да Му го покриваат лицето, да Го уди­ра­ат и да Му велат: „Проречи!“ И слу­гите Го удираа по образите.

Петровото одрекување

66 Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на прво­свеш­теникот,

67 па, штом го виде Петар како се грее, го погледна и рече: „И ти бе­ше со Исус од Назарет.“

68 Но тој одрече, велејќи: „Не знам, ниту разбирам што говориш.“ И излезе надвор пред дворот и запеа петел.

69 Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: „И овој е од нив!“

70 Тој пак одрече. Подоцна, оние, што стоеја таму, му рекоа на Петар: „На­вис­тина, и ти си од нив; бидејќи си Га­ли­ле­ец, а и говорот ти е таков!“

71 А тој почна да се колне и заколнува: „Не Го познавам Тој Човек, за Ко­го говорите!“

72 И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: „Уште пред двапати петел да за­пее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И почна да плаче.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16