Марко 13 MK2006D

Исус го навестува разурнувањето

1 А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: „Учителе, гледај какви камења и какви градби!“

2 Исус, пак, му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи градби? Ниту ка­мен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат!“

Страдања и прогонства

3 А кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Пе­тар, Јаков, Јован и Андреј:

4 „Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се сврши сето тоа?“

5 Исус, одговарајќи им почна да збо­рува: „Чувајте се да не ве прелаже не­кој!

6 Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе прелажат мнозина.

7 А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да се случи; но тоа сѐ уште не е крајот.

8 Бидејќи ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои мес­та ќе има и земјотреси и глад и метежи. Тоа е по­четокот на стра­да­њата.

9 Но вие чувајте се, зашто ќе ве предаваат на судови; и по синагогите ќе ве би­јат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведувани заради Мене, за сведоштво пред нив.

10 И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието.

11 А кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе говорите, ниту размислувајте; туку она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух.

12 И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги предадат на смрт.

13 Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.“

Гнасниот пустошник

14 „А кога ќе видите дека гнасниот пустошник, за кого говори пророк Даниил, стои каде што не тре­ба – кој чита, нека разбере – тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по плани­ни­те;

15 и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја;

16 и кој е на нива, да не се враќа за да ја земе облеката своја!

17 Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни!

18 Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме!

19 Зашто во тие дни ќе има неволја, как­ва немало досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да има.

20 И ако Господ не ги скрати тие дни, тогаш никој не би се спасил; но заради избраните, кои ги избра Тој, ги скрати дните.

21 Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, ов­де е Христос‘, или ‚Ене, таму е‘, не веру­вај­те!

22 Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните.

23 Но вие – чувајте се! Ете, сѐ од­на­пред ви кажав!

Исусовото враќање

24 Во тие дни, по неволјите, сонцето ќе се помрачи и месечината нема да ја дава својата светлина,

25 и ѕвездите ќе паѓаат од небото, и си­лите, што се на небото, ќе се раз­ни­ша­ат.

26 И тогаш ќе Го видат Синот Чо­веч­ки, како иде на облаци со голема сила и слава.

27 Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.

Споредба со смоквата

28 Научете ја параболата од смоквата: кога нејзините гранки се подмладуваат и пуштаат лисја, знаете дека е близу ле­тото.

29 Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека е близу, пред врата!

30 Вистина ви велам: нема да помине овој род, додека сето тоа не се случи.

31 Небото и земјата ќе минат, но зборовите Мои нема да минат!“

Денот и часот го знае само Отецот

32 „А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот.

33 Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот.

34 Како човек, кој заминувајќи, ја ос­тава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, и на вратарот му заповеда да биде буден.

35 Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, прик­ве­чер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро,

36 па да не дојде ненадејно и да ве за­тече како спиете.

37 Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни!“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16