1 И почна да им говори во параболи: „Еден човек насади лозје и го загради со ограда, па ископа бунар и соѕида кула; и им го предаде на лозарите, и си отиде.
2 А кога дојде времето, испрати кај лозарите слуга, за да го прибере од нив родот на лозјето.
3 Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија со празни раце.
4 И пак испрати кај нив друг слуга; и го нападнаа со камења и му ја расцепија главата, па го пратија посрамен.
5 Испрати и друг; него, пак го убија; и мнозина други, едните ги натепаа, другите ги убија.
6 А имаше уште еден син, кој му беше возљубен; па, го испрати најпосле него кај нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘
7 Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘
8 И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето.
9 Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе го даде на други.
10 Зар не сте го читале ова во Писмото: ‚Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.‘
11 Од Господ е тоа, и чудесно е во очите наши.“
12 И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа параболата па откако Го оставија, и си отидоа.
13 А пратија кај Него некои од фарисеите и од Иродовците, за да Го фатат на збор.
14 Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си вистинит и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да му се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“
15 А Тој, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј да го видам!“
16 И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Му рекоа: „На царот.“
17 Тогаш Исус им одговори и рече: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ И тие Му се восхитуваа.
18 Дојдоа кај Него и садукеите, кои велат дека нема воскресение, па Го прашаа, говорејќи:
19 „Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако некому умре братот и остави жена, а деца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го подигне потомството на својот брат.‘
20 Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород.
21 Неа ја зеде вториот, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот.
22 Ја зедоа сите седуммина, и не оставија пород. По нив умре и жената.
23 При воскресението, пак, кога ќе воскреснат, на кого од нив таа ќе биде жена? Зашто седуммина ја имаа како жена.“
24 А Исус им одговори и рече: „Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ниту Писмата, ниту силата Божја?
25 Зашто, кога ќе воскреснат од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, туку се како ангели на небесата.
26 А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгите на Мојсеј, како му рече Бог кај капината, велејќи: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов‘?
27 Но Тој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие, пак, многу се лажете!“
28 Тогаш пристапи еден од книжниците, кој ги слушаше како се препираат и откако виде дека Исус им одговараше добро, Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“
29 А Исус му одговори: „Прва од сите заповеди е: ‚Чуј Израиле! Господ, Бог наш, е еден Господ.
30 Затоа, возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Ова е првата заповед.
31 А втората е слична на неа: ‚Возљуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.“
32 Книжникот Му рече: „Добро, Учителе. Право кажа дека Бог е еден, и дека нема друг, освен Него;
33 и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите сепаленици и жртви.“
34 Исус, пак, кога виде дека умно одговори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ И никој повеќе не се осмелуваше да Го прашува.
35 И кога одговараше Исус, поучувајќи во храмот, рече: „Како тоа книжниците велат дека Христос е син Давидов,
36 кога самиот Давид кажа преку Светиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријатели за подножје на нозете Твои!‘
37 И така, сам Давид Го нарече Господ; од каде тогаш да Му е Тој син?“ И многу народ Го слушаше со задоволство.
38 И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки и да ги поздравуваат по улиците,
39 да имаат предни седишта во синагогите, како и први места на гозбите.
40 Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат, ќе бидат потешко осудени.“
41 Па седна Исус спроти ризницата и гледаше како народот пушта пари во неа. Мнозина богати пуштаа многу.
42 И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што изнесува еден кодрант.
43 А Исус, откако ги повика учениците Свои, им рече: „Вистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во ризницата;
44 зашто сите пуштија од својот вишок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот.“