16 И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им беше рекол, па ја приготвија Пасхата.
17 А кога се стемни, Тој дојде со дванаесетмината.
18 И кога седеа на трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.“
19 Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?“
20 А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетмината е, што мака со Мене во чинијата.
21 Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!“
22 И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; ова е Моето тело.“