22 И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; ова е Моето тело.“
23 Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите.
24 И им рече: „Ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина.
25 Вистина ви велам: нема да пијам веќе од лозовиот плод, сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.“
26 Па, откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора.
27 И им рече Исус: „Сите ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ, зашто е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот и ќе се разбегаат овците.‘
28 А по воскресението Мое ќе отидам пред вас во Галилеја.“