9 Вистина ви велам: каде и да се проповеда ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.“
10 Тогаш Јуда Искариотски, еден од дванаесетмината, отиде кај првосвештениците за да им Го предаде.
11 А тие, штом чуја, се зарадуваа и ветија да му дадат пари. И бараше погодно време за да Го предаде.
12 Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“
13 И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи стомна со вода; одете по него.
14 И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘
15 И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“