21 А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето.
22 И ете, дојде еден од старешините на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови
23 и усрдно Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“
24 И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.
25 Една жена, што боледуваше од крвотечение дванаесет години,
26 и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и без никаква полза, а ѝ станало дури уште полошо,
27 штом чу за Исус, дојде меѓу народот одзади и се допре до облеката Негова;