27 И излезе Исус со учениците Свои по селата на Кесарија Филипова. По патот ги праша учениците Свои и им рече: „Што велат луѓето, Кој сум Јас?“
28 Тие одговорија: „Јован Крстител, некои Илија, а други, пак, некој од пророците.“
29 Тој, пак, им рече: „А вие, што велите, Кој сум Јас?“ Петар Му одговори и рече: „Ти си Христос!“
30 И им заповеда никому да не говорат за Него.
31 Па почна да ги учи дека Синот Човечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен и по третиот ден да воскресне.
32 И говореше за тоа отворено. Но Петар, Го повлече насамо и почна да Го одвраќа.
33 А Тој, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петар да говори и рече: „Бегај од Мене, сатано! Зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко!“