17 Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух;
18 и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“
19 А Исус одговори и рече: „О, роде безверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“
20 И кога го доведоа кај Него – штом го виде духот, веднаш го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет.
21 Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството;
22 и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“
23 А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што верува!“